Столтенберг: Русија нема право да стави вето за прием на нови членки на НАТО

НАТО имаше „сериозна и директна размена“ со руските официјални претставници за украинската криза и алијансата е подготвена повторно да се сретне со претставниците на Кремљ за да разговараат за европската безбедност, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг, пишува Радио Слободна Европа.

Зборувајќи денеска, по состанокот со делегацијата на Русија, а во рамки на разговорите кои се дел од Советот НАТО-Русија, Столтенберг рече дека алијансата нема да се согласи со барањата на Москва за нова безбедносна архитектура во Европа, но сака да ја продолжи дипломатските средби.

Рускиот претседател Владимир Путин објави серија барања за безбедносни гаранции во Европа, меѓу кои и НАТО да не се проширува со нови членки како Украина и Грузија и да се ограничи распоредувањето на сојузниците во источноевропските членки на НАТО.

Столтенберг повтори дека Украина има право да одлучува за нејзините идни безбедносни аранжмани и дека Русија нема право да стави вето за прием на нови членки на НАТО. Генералниот секретар на Алијансата нагласи и дека НАТО изразил „сериозна загриженост“ поради трупањето на речиси 100.000 руски војници во близина на руската граница со Украина и на окупираниот полуостров Крим, за што западните земји стравуваат дека може да биде подготовка за инвазија.

„Постојат значајни разлики меѓу сојузниците во НАТО и Русија по ова прашање. Нема да биде лесно да се премостат нашите разлики, но тоа е позитивен знак дека сите сојузници на НАТО и Русија седнаа на иста маса и се ангажираа на суштински теми“, изјави Столтенберг по четиричасовната средба со руските претставници.

Сподели