Стрежево планира да гради фотоволтаична централа

0
523

Јавното претпријатие ,,Стрежево,, во наредниот период ќе стави акцент на искористувањето на својот потенцијал во областа на обновливите извори. За таа цел се планира изградба на фотоволтаична централа со моќност од 500 киловати. Досега се чекал Законот за енергетика, а следно да се проценат условите кои што ќе ги предвидат подзаконските акти чија подготовка е во тек.

,,Во оној момент кога ќе видиме со кои норми се среќаваме тогаш најверојатно ќе
одлучиме да одиме со изградба на нова централа со моќност до 500 киловати. При
тоа сакам да нагласам дека за изградбата нема да користиме ниту кредити, ниту грантови, туку ќе се потрудиме да бидат од сопствени средства. Ќе трошиме средства наменски онаму каде што е потребно, а непродуктивните трошоци ќе ги сведеме на минимум.,,-вели директорот на ЈП Стрежево Менде Граматковски.


Изградбата на фотоволтаична централа ќе отвори нови перспективи за претпријатието, бидејќи обновливата односно чистата енергија е тренд кој овозможува помали трошоци и поголеми еколошки придобивки.


,,Со оглед на тоа што во Стрежево доаѓам токму од тој сектор намерата ми е
максимално да ги искористиме тие обновливи извори. Се заокружуваат некои делови околку искористувањето на водниот потенцијал, па сега е тренд да
се градат фотоволтаични централи. Ние имаме изготвено основен проект и
физибилити студија. Го чекавме законот за енергетика за натамошни чекори. Јас
се надевам дека во наредниот период ќе бидат поволни условите за градење на
фотоволтаични централи. Земјиштето го имаме. Го имаме и основниот проект, како
и приклучните места и далекуводите. Тоа значи дека ние сме во поповолна положба
од другите. Единствено сега ги чекаме законските и подзаконските акти за да
можеме да отпочнеме некои подготвителни активности околу изградбата на сончевата централа. Тоа ќе допринесе многу за јавното претпријатие. Јас се надевам дека оваа инвестиција ќе биде краткорочна и во
најлош случај среднорочна.,,-вели Граматковски.

Инвестицијата треба да донесе и дополнителни финансиски приходи за Стрежево.