ТЕРА

REKLAMA???

СТУДЕНТИТЕ И ВЛАДАТА ПОСТИГНАА ДОГОВОР ЗА СТУДЕНТСКИОТ ОБРОК

Студентски оброк ќе има по старите критериуми и ќе се исплаќа по стариот метод до 15 Март 2023 година, рекоа студентите вечерва по средбата во Собранието на Македонија со министерот за образование, премиерот Ковачевски и пратеници.

„Обезбедено е сите студенти кои досега беа корисници на Студентски оброк и понатаму да останат. Притоа универзитетските собранија ќе бидат дел од работните груши кои тееба да го креираат системското решение на законот најкасно до 15 Март 2023 година. Битката е добиена, војната не! Борбата за подобар студентски стандард и образование продолжува. Оваа победа е искрена и само на студентите и на никој друг“ велат од Универзитетското студентско собрание-УКИМ.

Студентите денеска одржаа протест пред Собранието. Претходно беше соопштено дека беа повлечени измените на Законот за студентски стандард, а со кои се предвидуваше кратење на групите на студенти што добиваат надомест за дневен студентски оброк.

Студентите бараат да се зголеми висината на субвенцијата на студентскиот оброк од 120 на 150 денари, израмнување на сите стипендии, студентите да не бидат дел од владините мерки за штедење и да се подобрат условите во студентитските домови.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири изјави дека сите заедно одлучиле да се предложи нов предлог-закон во кој ќе влезат условите од постојниот закон од 2021, а веќе од утре тој со претставници на студентските унии активно да работат на наоѓање системско решение како во другите земји.

„Предлог-законот ќе биде во временски период од шест месеци, што значи ретроактивно од 15 септември и ќе продолжи до март и дотогаш ние ќе имаме временски рок на усогласување за новото системско решение кое ќе значи дека студентите ќе добиваат здрав студентски оброк и ќе се реализира исплатата на дневна основа. Во овој период се договоривме ретроактивно за вредноста што беше досега, со измените од 2021 година, а во наредниот период со системското решение ќе биде повисока сумата за студентскиот оброк. Значи од март ќе биде повисока и тоа почнувајќи од 140 денари или според тоа какви ќе ни бидат анализите до тој период“, рече Шаќири.

Шаќири посочи дека Предлогот со нови, неповолни услови за студентите  за остварување на субвенцијата за оброк, не бил предлог на министертвото, туку на група пратеници и не стигнал до Влада на разгледување за да се даде мислење.

„Студентите секогаш имаат право да го кажат својот глас, своите ставови, а на нас кои што сме во Владата и пратениците, е тие ставови да ги сослушаме, да ги разговараме со студентите и да се дојде до решение кои што ќе биде на задоволство на сите”, изјави претседателот на Владата Димитар Ковачевски, по денешната средба со студентските здруженија на која што присуствуваа и министерот за образование Јетон Шаќири и пратеници од Собранието.

Премиерот Ковачевски посочи дека преку конструктивен дијалог со студентските здруженија, министерството за образование и пратениците се изнајде заедничко решение во однос на студентскиот оброк.

„Драго ми е што се изнајде заеднички јазик, на задоволство пред се на студентите во однос на студентскиот оброк. Но се разговараше и за други аспекти на студентскиот стандард пред се во делот на инфраструктурата во студентските домови при што веќе се договоривме со министерот за образование дека и во тој дел ќе бидат направени максимални напори за унапредување на просторот во одредени студентски домови каде што не е на најдобро ниво.

Исто така се согласивме дека во одредени студентски домови веќе се направени позначителни инфраструктурни зафати. Студентите секогаш имаат право да го кажат својот глас, своите ставови. А на нас кои што сме во Владата и пратениците е тие ставови да ги сослушаат, да ги разговараат со студентите и да се дојде до решени кои што ќе биде на задоволство на сите.

Поминаа времињата кога некој можеше со студентите да се поигрува така како што сака бидејќи студентите се тие кои што се наши деца и кои што се иднината на оваа држава, а за која што иднина носиме одлуки да биде европска и да можат да живеат во услови какви што живеат нивните врсници и во Германија и во Австрија и во сите други земји на ЕУ”, рече премиерот Ковачевски.

Во однос условите во студентските домови премиерот Ковачевски потенцираше дека ќе имаат непречено снабдување електрична и топлинска енергија

„Студентските домови најголемиот дел, дури мислам дека и сите се на централното греење во градот Скопје. Ние централно греење во градот Скопје обезбедивме и тоа можат да го потврдат сите граѓани, веќе се набавени и количини на енергенси за до крајот на овој месец. Знаете дека ги набавуваме со термински план кој што е пократкорочен заради движењето на цените на гасот.

А доколку има потреба за догревање тогаш секако дека Министерството за обрзование и наука заедно со Министерството за економија ќе направи така како што направивме и за прехранбената индустрија, како што направивме и за другите витални функции во државата”, рече премиерот Ковачевски.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ заради инфлацијата од 20% и зголемување на цената на храната 30%, бара зголемување на сумата на студентски оброк од 120 на 160 денари, рече пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

„Учествувавме на средбата во Собранието што беше организирана од пратеничката група на СДСМ која беше и предлагач на спорниот закон за што имаше денеска и студентски протест.

Ние иако непоканети не знам од која причина учествуваме на средбата сакајќи да ги соочиме аргументите и да ги дадеме нашите аргументи пред студентите, односно нашите предлог решенија на нивните проблеми.

Се случи една комична ситуација каде што прво од пратениците на СДСМ не ни беше овозможено правото на збор, но потоа по барање на дел од студентите ние го преточивме нашето решение. А, тоа е дека на втори ноември исто така и ние имаме поднесено закон под итна постапка, во кој што најголем дел ги решава и барањата на студентите. А, тоа е тргнувањето на сите оние спорни услови во овој момент кои што ги предлагаа со спорниот закон за добивање на студентски оброк. Односно почивање на истите оние услови кои што беа усогласени со законот од 2020-тата година. Како и заради инфлацијата од 20% и зголемување на цената на храната 30%, баравме зголемување на сумата на студентски оброк од 120 на 160 денари.

Заради тоа што сметаме дека има фискален простор во буџетот и за оваа година тоа да се издржи. А, во наредната година со буџетот од 5,3 милијарди евра и те како е суштински важно да се обезбедат средства за студентите“ рече Стојаноски.