Демонстрантите и полицијата синоќа се судрија во кампусот на Универзитетот во Тексас при што дојде до десетици апсења, а Универзитетот Колумбија во Њујорк почна да ги суспендира студентите, јавија странските агенции.
Пропалестинските протести продолжуваат на американските колеџ кампуси и се закануваат да ги нарушат претстојните церемонии за дипломирање, додека студентите и другите се расправаат околу војната на Израел против Хамас во Појасот Газа, пренесе Бета.

Многу кампуси беа главно мирни во текот на викендот, но демонстрантите останаа во шатори кои служат како штабови за протести, додека на неколку универзитети полицијата ги отстрани и ги уапси студентите кои бунтуваа.
Многу студенти бараат нивните универзитети да ги прекинат финансиските врски со Израел поради големата операција во Појасот Газа, за која израелските власти тврдат дека е започната за да се потисне палестинската екстремистичка група Хамас.
На Универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес вчера имаше жестока дискусија и туркање меѓу две групи студенти, кои се разликуваат во нивните ставови, а раководството на таа институција соопшти дека ги зголемиле безбедносните мерки бидејќи „избиле физички конфликти меѓу демонстранти“. Нема извештаи за апсења или повредени.
Во саботата, околу 275 лица беа уапсени во различни кампуси, во неколку сојузни држави. Околу 900 луѓе се уапсени низ САД откако полицијата на Њујорк го разби пропалестинскиот протестен камп на Универзитетот Колумбија на 18 април и уапси повеќе од 100 демонстранти.

Поттикнати од првите пропалестински демонстрации на Универзитетот Колумбија во Њујорк, студентските протести се проширија низ САД во изминатите 10 дена, вклучувајќи ги и сојузните држави Калифорнија, Мисури и Масачусетс. Наставата се одржува од далечина поради протестите.
Важно прашање на протестот станаа и проблемите на уапсените студенти, чие помилување бараат се поголем број факултети. Отворено е прашањето дали суспензијата и отворањето на досиејата ќе им создаваат проблеми на уапсените во иднина.
МИА











