Судијката Кацарска не му угоди на Груевски за подолга пауза од 30 минути

0
464

Обвинителката на СЈО Ленче Ристоска во судница  му кажа народна поговорка на Никола Груевски дека на човек со сила можеш да му земеш, а да му дадеш не.

Ваквата реакцијата на обвинителката на СЈО следеше откако адвокатите на Груевски и Јанкулоска со истите барања и приговори како на минатите рочишта го започнаа судењето за Тенк, барајќи паузи. Овојпат тие побараа записник и видео запис од текот на минатото рочиште на кое околу 4 часа се истакнуваа истите приговори и барања. Судијката Добрила Кацарска беше децидна дека судот во рок од 24 часа по завршување на минатото рочиште за Тенк веднаш изготвил ЦД и записник, но ниту Груевски, ниту Јанкулоска, ниту пак, нивните адвокати покажале интерес и побарале да ги подигнат записникот и ЦД-то од судот. Судијката Кацарска нагласи дека иако судот немал обврска, таа телефонски ги известила обвинетите и нивните адвокати дека може да дојдат да подигнат ЦД и записник, но и покрај тоа тие не покажале интерес за тоа. Единствено обвинителите на СЈО од судот ги подигнале ЦД-то и записникот од минатото рочиште за Тенк. Судијката Кацарска нагласи дека на нејзина добра волја, сепак ќе им даде половина час пауза на обвинетите да го проучат записникот, но Груевски се пожали дека тоа време нему не му е доволно.

„Триесет минути за записник од 17 страници не е доволно време“, рече Груевски.

Кацарска укажа дека не отстапува, дека била јасна и дека проблем на одбраната е тоа што самите си направиле пропуст и не си го подигнале записникот и ЦД-то навреме за да си се подготват за денешното рочиште. Обвинителката на СЈО, Ристоска рече дека СЈО останува на ставот дека ваквите барања на одбраната се единствено со цел да не започнат воведните говори и да се одолговлекува постапката.

„На човек со сила може да му земете, а не да му дадете. Одбраната знаеше дека денешното рочиште ќе се одржи и можеше да си ги оствари правата на кои се повикува. Такво нешто не е сторено и тоа е единствено нивен пропуст. Несоодветно е сега да се бара пауза, а на минатото рочиште кое траеше повеќе од 4 часа сите лица кои се сега тука беа во судница. Тие се запознати со сите прашања, а снимката е одраз на тоа што овде се случуваше“, изјави обвинителката Ристоска пред судот.

Судијката Кацарска пресече дека паузата од половина час е доволна за да се проучи записникот. Таа не му дозволи на Груевски да истакне нови барања на нејзината одлука. Во судница на денешното рочиште за Тенк дојдоа и десетмина сведоци на обвинителството. Нив судот ги ослободи и ги извести дека ќе бидат повикани на некое од наредните рочишта, бидејќи за денес судот предвидел процесот да започне со воведни говори.

мкд.мк