Судот ја прифати снимката како доказ во случајот „Поткуп“

0
515

По одложување од две години во Основниот суд Скопје 1 почна судењето за случајот „Поткуп” во кој обвинет е премиерот Зоран Заев. Пред почетокот на рочиштето, адвокатите на Заев од судот побараа да ги издвои снимките објавени на Јутјуб и да ги земе предвид напатсвијата кои претходно беа дадени од Апелацискиот суд. Судијата Дарко Тодоровски одлучи да го одбие предлогот на одбраната и ги прифати снимките како доказ во постапката за поткуп.

Судијата образложи дека снимките се прибавени на законит начин и можат да бидат доказ за оваа постапка. За лицето кое се појавува како соговорник на снимката со Заев, судијата рече дека не станува збор за лице со прикриен идентитет, односно за агент провокатор, како што го нарекоа адвокатите на Заев.
Обвинителката од јавното обвинителство за за организиран криминал и корупција во воведен говор пред судот нагласи дека ќе докаже дека Заев во својство на градоначалник на општина Струмица во текот на 2013 ги сторил дејствата за кривичното дело примање поткуп и дека е одговорен за истото. Според обвинителството, Заев повеќе пати се сретнал со сведокот и побарал поткуп со умисла да изврши кривично дело.

Адвокатот Филип Медарски, бранител на Заев, рече дека во моментот кога била остварена средбата за која постојат снимки за наводно договарање за поткуп, постапките за приватизација на земјиштето биле целосно завршени, а сведокот не дал ниту едно евро за изградба на црква. Клучен елемент за да постои кривичното дело за кое се гони Заев, според Медарски, е да биде направена трансакција што во овој случај не постои. Адвокатот на Заев нагласи дека постоел јавен повик за донација на изградба на црква во Струмица, а меѓу донаторите бил и Заев со неговотто семејство со донација од 50.000 евра.

mkd.mk