Сурогат -мајка помеѓу човечноста и комерцијализмот

0
506

Постоењето на новите репродуктивни трендови како спој на биолошките и општествените иновации значително ја промени и општата перцепција во однос на родителството и на семејството. Еден од ваквите поспецифични третмани е сурогат-мајчинството, кое привлекува доста внимание, кое беше тема на дискусија во Битола.

Како дел од проектот за одбележување на Меѓународниот ден на човековите права, Правниот факултет УКЛО, одржа дебата на тема: „Сурогат мајчинството и човековите права: Помеѓу хуманоста и комерцијализмот“.

– Оваа тема е акуелна  кај нас уште повеќе од 2008 година со донесувањето на Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, посебно после тоа со измените во 2014 година како пообемни измени, меѓутоа јас на оваа дебата  повеќе ќе зборувам за историскиот развој на сурогат мајчинството , изјави проф.д-р Ангелина Станојоска Правен факултет УКЛО

Сурогат-мајчинството предизвикува многу морални и правни импликации, кои се тема за расправа во многу научно-експертски кругови и додека едни го поддржуваат како племенит, храбар и несебичен чин, други сметаат дека е неприродно, сепак жената одлучува за своето тело.

Поголемиот дел од државите во Европа, не го поддржуваат сурогат Мајчинството.

– Кај нас во принцип е предвидено според одредбите на овој Закон алтруистичкото сурогат мајчинство, тоа значи дека за оваа услуга нема парична компензација, доколку се утврди дека постои таква компензација предвидени се парични казни, дури и казна в затвор, изјави проф.д-р Мирјана Ристовска Правен факултет УКЛО.

Проектот се реализира со поддршка од Француската Амбасада во РМ.

– Во соработка со Правениот факултет решивме Алијансата да излезе од она што значи Алијанса затворена, како школа за јазици и да почне да покренува интересни прашања и теми кои што се на бенефит на популацијата на контекстот каде што егзистираме, изјави Калиопа Кривашија Стилиновиќ, почесен конзул на Франција во Битола

Пред почетокот на дебатата Правниот факултет и Француската алијанса потпишаа Меморандум за соработка.

Исто така, во рамките на настанот беше доделена наградата за најдобар есеј на тема: „Дали човековите права се универзални права? Дискриминација и неправда во 21 век!“ која ја доби Влатко Трповски, студент во втора година на Правниот факултет во Битола.

Деновите на човековите права завршија денеска со музичко уметнички хепенинг и графит мајстори од Париз.