СЈО отвори шест нови истраги

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

„ Подарок“, „Пропаганда“, „ Дизајн“, „Хармонија“, „Пациент“ и „Базни Станици“ се шесте нови истраги кои ги отвори обвинителството. Станува збор за финансиски криминал и злоупотреби во кои е нанесена штета на Буџетот од над 80 милиони евра.

Шесте предмети СЈО  ги објави на својата веб страница.

 ПОДАРОК

Осомничените Зоран Ставрески, министер за финансии и Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски, со учество во дејствие на извршување заедно со осомничениот Крсте Миладинов, директор на Македонски енергетски ресурси АД Скопје, во периодот јануари 2012 – јули 2014 година, со умисла ја искористиле службената положба и овластување и за руската компанија ОАД Стројтрансгас од Москва прибавиле противправна имотна корист во износ 2.008.877.000,00 денари, односно близу 33 милиони евра, и во истиот износ нанеле штета на Буџетот на РМ.

ПРОПАГАНДА

Со оваа наредба за спроведување на истрага опфатени се девет лица, и тоа: Никола Груевски, Кирил Божиновски, Ацо Мисајлоски, Емил Парнаџиски, Владислав Стајковиќ, Саше Стојановски, Елена Колишевска, Марјан Цветковски и Захарија Вулгаракис, поради основано сомнение за сторени кривични дела – злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување.

Предмет на оваа истрага е влијанието врз јавното мислење и обезбедувањето контролиран проток на информации во средствата за јавно информирање на товар на Буџетот на РМ, а во насока на поддршка на делувањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Во периодот од 2010 до 2015 година, од Буџетот на РМ биле исплатени 30 милиони евра, од кои најголем процент завршиле кај радиодифузерите кои што ја поддржувале политиката и активностите на ВМРО-ДПМНЕ.

Воедно, делувајќи по планот на групата, осомничените Никола Груевски и Кирил Божиновски, помогнати од останатите осомничени лица припадници на групата, во насока на влијание на јавното мислење, спротивно на Законот за радиодифузија и Законот за спречување на корупција, организирале преземање и работење на седум локални телевизиски станици и едно радио, со што прибавиле значителна имотна корист за овие радиодифузери во вкупен износ од околу 5.250.000 евра.

ДИЗАЈН

Со наредба за спроведување на истражна постапка во случајот „ Дизајн “ опфатени се четири службени лица поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.5 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од КЗ на РМ.

Имено, постои основано сомнение дека во периодот од 2009 и 2010 година, осомничениот Миле Јанакиески, како министер за транспорт и врски, осомничената Снежана Филиповска Павлеска, како претседател на Комисијата за спроведување на јавни набавки, а осомничените Игор Јанушев и Јулијана Јанкуловска Атанасова, како членови на Комисијата за спроведување на јавни набавки на двокатни автобуси за град Скопје, формирана од Министерството, ги искористиле своите службени положби и овластувња и за економскиот оператор Јутонг од Кина прибавиле корист, односно незаконско повластување – фаворизирање во постапката и склучување на договор за набавка на 202 двокатни автобуси, нанесувајќи му штета на буџетот на Р.М. во износ од 5.000.000 евра.

ХАРМОНИЈА

Со наредба за спроведување на истражна постапка во случајот „ Хармонија “ опфатени се три службени лица, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.3 в.в. со ст.1.вв со чл.22 и чл.45 од КЗ.

Постои основано сомнение дека во 2012 година осомничените Никола Груевски претседател на Владата на РМ, Миле Јанакиевски, како министер за транспорт и врски и Стевчо Јакимовски, градоначалник на општина Карпош, со искористување на својата службена положба, како соизвршители, за Приватен Меѓународен Балкански Универзитет Скопје прибавиле значителна имотна корист во износ од 23.730.912 денари, односно 385.868 eвра.

БАЗНИ СТАНИЦИ

Со наредба за спроведување на истражна постапка во случајот „Базни станици“, опфатено е едно лице поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст. 5 в.в. со ст.4 и 1 од КЗ.

Според доказите, во текот на 2011 година осомниченииот Жарко Луковски, тогаш главен извршен директор на Т-мобиле Македонија АД, со искористување на положбата и овластувањето, на ДГ Бетон АД Скопје му прибавил значителна имотна корист од 3.522.400 евра. Воедно, на акционерите на Т-мобиле Македонија, меѓу кои е и државата, им нанел штета во висина на приходот од неоствареното право на дивиденда.

ПАЦИЕНТ

Во истрагата кое се води под името „Пациент“ постои основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување на службени и одговорни лица во постапки по јавни набавки за извршување на градежни и градежно – занаетчиски работи во повеќе Јавни здравствени установи низ државата. Во истрагата се вклучени 15 лица, меѓу кои и еден поранешен министер за здравство.

Постои основано сомнение дека во 2010 година четворица од осомничените, Фатмир Авмедовски, Бетим Љамалари, Менсур Ибрахими и Жаклина Чагороска, како одговорни лица – претседател и членови на комисијата за јавни набавки во Министерството за здравство на РМ, при вршење на јавна набавка бр 02/2010 за изведување на градежни и градежно – занаетчиски работи во повеќе Јавни здравствени установи низ Македонија, поднеле незаконит предлог за избор на најповолна понуда, а осомничениот Бујар Османи, како министер за здравство, наместо да го одбие предлогот на Комисијата, донел решение за избор на најповолна понуда на понудувачот ГБС – Благоевград – Република Бугарија.

Share.