Тарик Филиповиќ награден во Битола

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Реномираниот хрватски актер Тарик Филиповиќ, до последно место ја наполни салата на Битолскиот театар, за неговата претстава Ќиро Блажевиќ, како дел од годинешното издание на фестивалот на монодрама.

На фестивалот Филиповиќ ја доби наградата од публиката и изјави- Благодарам за гостопримството, убаво си поминав, публиката беше одлична. Секогаш кога добивам награда на било кој фестивал доделена од публиката, таа награда најмногу ми значи, бидејки тоа се луѓето за кои ја играш претставата.

Претставата посветена на фудбалскиот тренер, Ќиро го привлекува вниманието каде и да се изведува – Сите оние кои го препознаваат ликот и делото на Блажевиќ,знаат за што зборувам, а јас секогаш велам сечиј живот е приказна за филм помалку или повеќе. Неговиот живот толку ми беше интересен што 10 години го убедував да направиме нешто. Тој прво бегаше од тоа, но ете последните 2 години успеав да го премислам и ја направив претставата. Многу сум горд на неа бидејќи е мој прв самостоен проект и прва монодрама. Не сум актер кој сака сам да биде на сцена, јас ја сакам интеракцијата со колегите, тоа е магично во оваа професија. Но сакав, да направам нешто каде немате каде и на кој да се потпрете, сам сум саат и 20 минути и тој испит го положив-вели Филиповиќ.

Блажевиќ ги гледал првите 4 изведби –  Направивме претпремиера во Травник, неговото родно место, па во Зеница, моето родно место и после претпремиера и премиера во Загреб каде двајцата живееме. После гледањето сакаше да исфрли скоро половина работи, сакаше да биде тренер кој оди по вода, односно со ауреол над главата. Кога неговите најблиски му кажаа дека е совршена претставата, крена раце, ме гушна и ми рече-сине ти благодарам што додека сум жив ме направи бесмртен-истакна во интервјуто за Тера, Тарик.

Филиповиќ е препознатлив на гледачите по неговите телевизиски ангажмани, но пред се тој е актер. Во моментов работи на серијата Конак кај Хилмија, која се прикажува и во Македонија, со слично сценарио како реномираната Ало, ало.

– Сигурен сум од наесен ќе се прикажува на повеќе телевизии, серија која може да биде регионален хит. Дејствието се случува во Сараево, јас сум германски командант на градот, Емир Хаџихафизбеговиќ го игра тој таканаречен Рене, односно Хилмија, а останатото погледнете го-вели Тарик.

Share.