Тајното братство на носталгичарите-најново дело на Томислав Османли

0
310

Под насловот „Тајното братство на носталгичарите“, излезе од печат уште една збирка раскази на Томислав Османли.

Станува збор за богат избор од кратки и долги прози. Еден од тие раскази во кои се открива авторскиот носталгичен пристап, и’ го позајми насловот на целата книга која вклучува триесет и еден расказ.

Во преговорот „Нестивната носталгија“ писателот и издавач Глигор Стојковски, бележи: Не можат многу македонски писатели да се по­фа­лат со повеќе изданија на своите книги. И не се многу кни­­­гите од македонски писатели, за жал, за кои чи­та­те­лите покажуваат долго, несмалено  интересирање. Рас­казите на Османли, но и романите, се изборија за овој привилегиран статус. Со прекрасниот книжевен јазик, се разбира, со изборот на темите, со модерното рас­кажување. Со  поетиката на поигрување со вре­ме­то и просторот која ја негува, доследно и успешно (во рас­казите во „Каприча“ и не само во нив, во романите „Двае­сет и првиот“, „Зад аголот“, во дистопијата “Бро­дот. Конзархија“) со која сѐ започна, токму со првич­ни­те враќања во минатото, со носталгијата за ми­на­то­то време, на Градот и векот. Времето-прос­то­рот, ми­на­ти­от век и загубениот и книжевно пронајден Град од ми­на­тото, се фундаменталните хронотопи, полето на кое Османли продолжи да гради книжевни игри низ вре­ми­ња­та.

Книгата Тајното братство на носталгичарите објавена како 23та книга во изклучителниот авторски избор од библиотеката „Збор по збор“ на книгоиздателството „ВиГ Зеница“, содржи прози со лирични и драматични чувствувања на луѓето и на ликот на предземјотресно Скопје, кратки или поопсежни прозни посвети на едно исчезнато време и сосем изменет поростор, раскази исполенти со ведрата колоритност, со надежите, љубовите и разочарувањата, главно на малите луѓе од некогашниот град; а во продолжение, и теми од холокаустот над скопските Евреи, како и прозната фантазијата „Корто Малтезе  во скопската чаршија“, најновата проза на Османли. Тоа е еден од двата расказа, посветени на полуларниот стрип јунак и вградени во по една во двете најнови прозни збирки на Османли.

Неговата книга Тајното братство на носталгичарите беше еден од проектите избрани и финансиски поддржани на конкурсот за уметнички творби и други проекти од културата, што кон крајот на минатата година го распиша и годинава го реализира Собранието на Скопје.