Тевдовски – Има простор за зголемување на минималната плата

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Политиката на зголемување на платите е приоритет и нешто за што се бориме. Платите продолжуваат да растат и треба да се направат дискусии со работодавачите, бидејќи постои простор за дополнителни зголемувања на минималната плата, вели министерот за финансии Драган Тевдовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Тевдовски, владата се пофали со зголемување на БДП-то и намалување на невработеноста во последниот квартал од минатата година. На што најмногу се должи растот?

Клучно е дека ни се случува широко базиран раст, тоа значи дека се јавува во повеќе сектори и тоа е многу поразлично од тоа што се случуваше во изминатиот период под претходната влада кога растот беше поради државната интервенција. Сега приватниот сектор го влече и тоа во повеќе сектори. На пример, расте преработувачката индустрија, растат услугите, трговијата, градежниот сектор, еве гледаме дека во четвртиот квартал растот е некаде 19 проценти, потоа потрошувачката на домаќинствата има исто така раст на годишно ниво во 2018 од три проценти. Растот на потрошувачката на домаќинствата е поради поголемиот број на вработени, но и поради растот на платите којшто раст во 2018 е највисок во споредба со претходните девет години, некаде е околу 5,9 проценти. Исто така, ако се земе друг параметар, приливот на странски инвестиции, тие изнесуваат 624,5 милиони евра и се скоро три пати повисоки во однос на просечното ниво од претходните осум години и за мене еден од најважните показатели за тоа дека економијата се движи во правилна насока е намалувањето на невработеноста којашто, ако некаде на крајот на 2016 година стапката изнесуваше 23,1 проценти, за првпат сега се спушти под 20 проценти, еве последниот податок е дека изнесува 19,4 проценти и тоа е добро, бидејќи од една страна тоа значи дека има повеќе можности за вработување, на пример вработеноста е зголемена за околу 20 илјади лица, тоа е едниот голем сегмент и вториот е растот на платите којшто направи платите на луѓето кои живеат од својот труд да растат, а со тоа и да расте нивниот животен стандард.

Во владината програма ветивте дека минималната плата до крајот на мандатот, односно во наредните две години, ќе се покачи на 16 илјади денари? Може ли за две години да ја покачите минималната плата за 4 илјади денари?

Политиката на зголемување на платите е приоритет и нешто за што се бориме. Ние со законското решение поставивме механизам за редовно усогласување на минималната плата и тоа да зависи од растот на просечната плата, од бруто домашниот производ, а растот на бруто домашниот производ и растот на цените, сега во април Министерството за труд и социјална политика најави дека минималната бруто плата ќе се зголеми за нешто повеќе од 500 денари. Значи, платите продолжуваат да растат и исто така мислам дека треба да се направат дискусии со работодавачите бидејќи постои простор за дополнителни зголемувања на минималната плата.

Со оглед дека годинава доспеваат за враќање кредити од над 400 милиони евра, а догодина уште над 800 милиони евра, размислувате ли за издавање на нова еврообврзница?

Целата политика кон јавниот долг ја водиме со намера граѓаните да плаќаат што е можно најниска цена и да направиме стабилизација на јавниот долг. Тоа успешно го правиме. Сега е прерано да се зборува за видовите на инструменти коишто ќе се користат. Јас би повторил дека за нас е важно да обезбедиме инструменти кои што ќе овозможат граѓаните да плаќаат што е можно пониска цена. Во овие, скоро две години, тоа успешно го правиме.

Во јануари годинава беа реализирани само 1 отсто капитални инвестиции предвидени за годинава, која премиерот ја прогласи за економска година. На што се должи слабата реализација?

Мислам дека добар дел се проекти кои сега се во фаза на реализација. Јас сум оптимист дека реализацијата на капиталните инвестиции ќе биде на посакуваното ниво годинава. Реков дека најголемиот дел, на пример главните патни проекти, иако не се дел од буџетот туку се во ЈПДП, и тие многу подобро се реализираат од минатата година. Поради ова, нашите проекции, бидејќи реализацијата на капиталните инвестиции клучно е да се види како инпут, како придонес во БДП, ние апсолутно мислиме дека тоа што ние сме го проектирале за БДП, согласно со реализација на капитални инвестиции ќе биде остварено, ние проектираме 3,2, подобро од минатата година.

Share.