Битолското средно техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ ќе биде седмото училиште што ќе се трансформира во регионален центар за стручно образование и обука.

Одлуката е донесена врз основа на направена анализа на сите училишта во пелагонискиот плански регион и констатирано е дека токму ова ги исполнува предусловите да прерасне во државна образовна установа која ќе реализира, промовира и ќе придонесува за развојот на стручно образование и обука.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која денеска беше во посета на општина Битола, потенцирајќи дека процесот на трансформација ќе потрае, затоа што неопходно е инвестирање во инфраструктурните услови и во нова опрема, како и дефинирање на струките и профилите ќе бидат застапени во иднина, а согласно развојот на индустријата во регионот.

„Ова е седмото општинско училиште кое прераснува во регионален центар за стручно образование и обука, а планирано е да бидат отворени вкупно осум, во секој од планските региони да има еден ваков центар. До крајот на годината ќе донесеме одлука и за уште едно училиште, а потоа ќе се фокусираме на инвестициите, за кои имаме доволно буџет и голема поддршка од Европската унија“, рече Јаневска.

Министерката информираше дека два регионални центри – „Киро Бурназ“ во Куманово и „Ванчо Питошески“ во Охрид се целосно реконструирани, набавен е најголемиот дел од опремата – клупи, столчиња, канцелариски мебел, полици и слично за што, вложени се 9 милиони денари, а во моментов се набавува и механизација потребна за реализација на практична настава.

„Третото училиште – „Моша Пијаде“ во Тетово е во процес на темелна реконструкција, која се одвива етапно во објектите во склоп на училиштето и очекувам најголемиот објект да го пуштиме во употреба во првата половина на декември. Се вложуваат над 250 милиони денари“, додаде Јаневска.
За училиштата „Коле Нехтенин во Велес и „Никола Карев“ во Струмица, за кои исто така е донесена одлука да станат регионални центри за стручно образование и обука, рече дека со инвестициски активности ќе бидат опфатени следната година.

„Согласно Планот за раст и Реформската агенда, процесот на трансформација ќе биде целосно заокружен до крајот на 2027 година. Околу 400 милиони денари добиваме од ЕУ, а секако и државата ќе обезбеди и дополнителни средства доколку е потребно, за да може планираното да се оствари“, потенцираше министерката за образование.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски искажа благодарност до министерката за образование и наука за нејзината посветеност и заложба за прогласувањето на СОТУ„Ѓорги Наумов“ како регионален центар за стручно образование во регионот согласно потребите на Општина Битола и бизнис секторот.

„Да направиме нешто повеќе за нашата заедница, за стручните кадри кои недостасуваат, да ги задржиме младите тука, а пред се да им дадеме квалитетно образование. Бидејќи образованието е приоритет на локалната самоуправа, правиме се за да го подигнеме на повисоко ниво, катаднево работиме на подобрувањето на условите преку програмите за реконструкција и изградба на нови спортски сали, поставување на фотоволтаици“, додаде градоначалникот, заблагодарувајќи се за подршката која Министерството за образование и наука ја дава на Општина Битола.












