Техничкото училиште ,,Ѓорги Наумов,, од Битола се збратими со техничкото училиште „Мави Текник,, од Измир

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Директорот на Техничкото училиште „Ѓорѓи Наумов“ во Битола, Владимир Роме и Серкан Асил, управител на  техничкото училиште „Мави Текник“ во Измир Турција денеска ставија потпис на меморандум за соработка и збратимување на двете училишта.

Меморандумот свечено беше потпишан во просториите на Техничкото училиште, каде присуствуваше и делегација од Турција, како и градоначалничката на Битола Наташа Петровска.

Со оглед на тоа училиштето ,,Мави Техник,, од Измир е лоцирано во индустриска зона тоа овозможува директно и непосредно на терен учениците да се стекнуваат со вештини кои што ги бара пазарот на трудот. На овој начин и Техничкото училиште во Битола ќе се стекне со вредни искуства и знаења.

,,Денес се збратимуваме со училиштето од Измир, кое работи во истата област како и нашето Техничко училиште. Предвидена е размена на ученици и наставници, што ќе овозможи размена на искуствата во образованието.,,-вели директорот на Техничкото училиште во Битола, Владимир Роме.

Од турската делегација посочуваат дека Битола им е особено важна и заради историските и културните врски на Турција со Битола.

,,За нас е многу важно тоа што имаме  заедничка историја. Ова е градот каде се школувал таткото на модерна Турција, Кемал Ататурк и затоа соработката со Битола за нас е особено важна.Тука ќе пренесеме вредни искуства бидејќи со фабриките во зоната во Измир имаме договор учениците да одат на пракса во истите.,,-рече управителот на училиштето „Мави Текник“ од Измир, Серкан Асил.

Турската делегација во обиколка на Техничкото училиште се запозна со капацитетите на истото.

Воедно, се планира збратимување и соработка со уште едно училиште во градот.

Share.