Тозиевски ја презеде градоначалничката функција во Ресен

Денеска новоизбраниот градоначалник на Ресен, Јован Тозиевски официјално ја превзеде градоначалничката функција од досегашниот градоначалник на Општина Ресен, Живко Гошаревски.

Досегашниот градоначалник, Гошаревски на новоизбраниот градоначалник му посака, многу успех и посветена работа, во интерес на граѓаните на Општина Ресен.

„Во претходните четири години, дадовме јасна слика дека работевме во интерес на жителите на Преспа. Реализиравме огромен број на проекти и оставам порака до идниот градоначалник Тозиевски, да продолжи по патот по кој започнавме да се движиме пред четири години и да продолжи да работи во интерес на сите жители на Општина Ресен“ истакна Гошаревски.

„Уште од првиот ден започнуваме со вредна и посветена работа во интерес на сите наши жители. Сето она што е зацртано и што е ветено во предизборната кампања ќе се трудиме да го оствариме. Развојот на Преспа е наш приоритет и четири години на напорно ќе работиме на огромен број на проекти“ истакна новоизбраниот градоначалник Тозиевски.

Од првиот ден на мојот мандат Општината Ресен е ставена во служба на сите граѓани на Општина Ресен, рече Тозиевски.

„Ќе работиме посветено и одговорно за успешно да ги решаваме сите проблеми во нашата општина. Ни претстои период во кој не чека многу работа, но не чекаат и многу успеси во истата. Заедно сите ќе работиме вредно, совесно и посветено за да создадеме нов лик на Ресен и Преспа и подобро место за живот за сите нас“ вели Тозиевски.

Во Ресен имаше втор круг на гласање. Тогаш кандидатот на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, Јован Тозиевски освои 4350 гласови и 50,07 проценти од избирачите, а неговиот противкандидат од СДСМ и Коалицијата, Живко Гошаревски освои 4011 гласови или 46,17 проценти од глаасовите.

 

 

 

Сподели