Трагедија во Битола, во пожар загинаa мајка и син

0
2596

Мајка и 17 годишен син изгореа во пожар во сопствената куќа што избувна околу 4 часот утрово на улицата Девеани во Битола.

Таткото кој бил тешко болен, излегол во дворот и побарал помош од соседите кои веднаш се јавиле во противпожарната единица и се обиделе сами да го гаснат огнот кој многу брзо ја зафатил целата куќа. Но, соседите раскажуваат дека веќе било невозможно да се влезе внатре. Противпожарната единица од Битола интервенирала со 2 возила и 5 пожарникари.

Полицијата соопшти дека на 29.01.2018 година во 04,20 часот во Битола на ул.„Девеани“, во куќа сопственост на Т.А.(60) настанал пожар. Екипа на Територијалната противпожарна заштита Битола интервенирала на лице место, а во пожарот животот го загубиле сопугата на сопственикот – Ф.А.(53) и нивниот 17 годишен син. Увид е извршен од страна на јавен обвинител и екипа од Секторот за внатрешни работи Битола. Се преземаат мерки за утврдување на причините кои довеле до опожарување и целосно расчистување на настанот.

Во меѓувреме се огласи и Јавното обвинителство преку соопштение.

„Во семејна куќа во Битола денеска во раните утрински часови избувнал пожар при што, според првичните информации настрадале жена и седумнаесетгодишно момче.

Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Битола врши увид на местото на настанот заедно со екипа од Министерството за внатрешни работи и Противпожарната служба. Надлежниот јавен обвинител издаде наредби за фотографирање и обезбедување на местото на настанот, како и за вршење на сите потребни вештачења во насока на откривање на причините за пожарот. Издадена е наредба за обдукција на пронајдените тела и се преземаат други дејствија неопходни за расветлување на случајот“, стои во сооопштението.

Од противпожарната единица на Битола апелираат на голема внимателност со грејните тела низ домовите и потсетуваат на важноста од редовно чистење на оџаџите.