Тракторијада во Могила

0
1832

Дождот не спречи Саемот за Земјоделство да се одржи во Могила. Тракторијадата се отвори, посетителите дојдоа, заинтересираните видоа, а некои можеби и купија. Дојде и заменик министерот за земјоделие  Власте Димковиќ, а го пречека новата градоначалничка Јасмина Гулевска.

-Покрај нашиот земјоделски Саем во Скопје ова е една манифестација за која што можеме да кажеме дека е втора по големина во Р.Македонија.Тука денес имаме изложба на стари трактори кои што ќе одат во пензија, а тука се и новите трактори со кои ќе имаме зголемено земјоделско производство, изјави Власте Димковиќ, заменик министер за земјоделие.

-Општина Могила трета година по ред го организира Саемот за земјоделство  Тракторијада 2017 година.  Им благодарам на сите учесници кои што се вклучуваат во овај настан, посебна благодарност до земјоделците. Прв пат годинава ја вклучивме и старта механизација, стари трактори, за да се направи една споредба со новата механизација. Голема благодарност и до жените од општините Могила и Новаци кои што денес се претставија на Саемот со подготовка на домашна храна, изјави Јасмина Гулевска, градоначалник на Могила.

На Тракторијадата се претставија 12 компании. Преку разговор со пелагониските земјоделци ги претставија своите земјоделски суровини, опрема и услуги. Беа присутни добавувачи на земјоделска механизација, опрема за земјоделските стопанства, а земјоделците можеа да ги слушнат и новите услуги кои ги нудат од банкарскиот сектор.

Саемот за Земјоделство – Тракторијада 2017 го организира Општина Могила  заедно со Локалната Акциона Група “ПеЛАГонија“. Инаку ЛАГ-от Пелагонија е формиран со цел да биде иницијатор, двигател и креатот во мобилизирањето на локалните потенцијали преку организација, едукација и поддршка за подобрување на условите на живот на севкупниот развој на руралната популација во општините Битола, Демир Хисар, Могила и Новаци.

Тракторијадата 2017 беше збогатена и со културно уметничка програма. Сите компании добија и благодарници за учество и реализација на Саемот.