Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренечевска е во посета на Турција каде ја предводи делегацијата на Македонија која беше дел и од Македонскиот фолклорен фестивал „Каршијака – Чашка – Тургутлу 2023“.

„Ми беше чест да бидам дел од фестивалот кој споделува македонска култура, традиција и вредности. Го игравме македонско оро и срцето ни биеше во ритам на македонскиот тапан.

Сјајот беше уште поголем затоа што фестивалот се одржа токму на 100 годишнината од Турската модерна Република.


Честитки на македонските здруженија и благодарност за поканата да бидеме во Турција“ вели министерката Тренчевска.


Таа исто така се сретна со македонските здруженија во Измир.
Соработката помеѓу нашата држава и Турција е мост кој овозможува поголеми пријателски односи, рече Тренечевска на средбата со Градоначалникот на Општина Каршијака, Џемил Тугај на која разговарале за продлабочувањето на соработката помеѓу двете држави.
Инвестициите на Турција во нашата држава придонесуваат кон економскиот развој и отворањето на повеќе работни места.
„На средбата со Валијата на Измир, Сулејман Елбан разговаравме за досегашните, но и за идните планови за инвестиции во нашата држава. За мене како министерка за труд и социјална политика обезбедување на повеќе и подобри работни места во државата е приоритет, тоа го потврдивме и на средбата“ вели министерката за труд и социјална политика.
Му честиташе на новиот министер за транспорт и инфраструктура во Турција, Абдулкадир Уралоглу, посакувајќи му успешна работа во неговиот мандат.
„На нашата средба разговаравме за неговата визија и за важноста на инвестициите во инфраструктурата во двете држави.
Дискутиравме и новата инвестиција во нашата држава. Модерната детска градинка во Бутел започната преку соработката со бизнис секторот со Програмата на Турската авиокомпанија – ТАВ. Преку оваа инвестиција Владата е чекор поблиску кон исполнување на целта – зголемување на капацитетите на предучилишните установи“ вели Тренчевска.
Во рамките на посетата имаше средба и со сојузот на коморите на трговците и занаетчиите на Измир и на средбите иницирале нови соработки.












