ТЕРА

REKLAMA???

ТРЕНЧЕВСКА: МИНИМАЛНАТА ПЛАТА ОД МАРТ ПОМЕЃУ 22.500 И 23.000 ДЕНАРИ

„Од 22500 до 23000 ќе биде минималната плата од март 2024 година. Ако земеме колку беше во 2022 година, а колку е сега, имаме над седум илјади, скоро осум илјади денари покачување за година и пол на минималната плата“ рече министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска во „Топ тема“ на Телма.

Таа додаде дека ако се навратиме во 2017, кога минималната плата беше 10 илјади денари, сега покачувањето е повеќе од двојно.

„За минималната плата имаме системско решение. Како што растат трошоците за живот и просечната плата, така ќе расте и минималната плата. Се гледаат резултатите од тоа. Просечната плата постојано расте и кога ќе немаме инфлација, а просечната плата расте, тоа значи дека повторно ќе имаме зголемување на минималната плата“ рече Тренчевска.

Министерката објасни дека не може да има плата помала од минималната и дека доколку некој зема плата пониска од предвидената минимална плата тоа треба да го пријави во Државниот инспекторат за труд за да биде санкциониран работодавачот и да му се усогласи платата.

„К-15 е една новина, затоа што во јавниот сектор не земаа сите К-15. Во детска заштита, социјална заштита, образование, луѓе со 30 години стаж не знаат што е К-15 и ова е навистина една историска одредба вклучена во општиот колективен договор“ рече министерката за труд и социјална политика.

Таа додаде дека е особено добро кога пред крајот на годината повеќе пари ќе се слејат во семејниот буџет.

„Јас ги слушам колегите од детска заштита, градинките, тие се благодарни бидејќи по толку години стаж добиваат регрес за годишен одмор. Од следната година тој ќе биде најмалку 30 отсто од просечната плата“ рече Тренчевска.

Министерката објасни дека општиот колективен договор е општа рамка и дава минимум граница, дека пониско од тоа не може, но врз основа на преговори во некои институции или локални самоуправи, јавни претпријатија регресот може да биде и повеќе од 30 отсто.