Одбивањето за зголемување на платите од 10% во време на криза од СОНК е потврда дека интересите на децата не се земаат предвид, туку личните интереси, вели министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
„Да потсетиме дека во 2019 година, порастот на платите во детската заштита беа зголемени за 21 % и со овој пораст од 10% покачување на платите ќе имаме покачување од 31% за само неполни 3 години. Покачувањето од 2500 денари во просек на платата на воспитувачите и 2000 денари во просек на платата на негувателите во услови на Ковид криза, ценовна криза и економска криза е навистина пораст кој што требаше да биде прифатен од страна на организаторите на штрајк -СОНК“ вели министерката Тренчевска.
Таа вели дека од вкупно 75 јавни установи во 29 нема штрајк, вработените се на своите работни места и згрижувачко-воспитниот процес се одвива непречено. Во останатите градинки штрајкуваат дел од вработените, но градинките функционираат.
„Колективниот договор на образование, согласно член 54, за кои во јавноста се зборува, упатува на тоа дека државата исплаќа плати во услови на штрајк кога причината е прекршување на работничките права. Во овој случај не се работи за прекршување на работнички права, туку барање за унапредување на работнички права. Според Законот за минимална плата, колективните договори се усогласуваат за време од шест месеци. Неможе да стане збор за прекршување на работнички права, бидејќи рокот од шест месеци не е поминат“ вели таа.












