Трет ден на Моден Викенд Скопје: Спортски гламур, емоции и студентски приказни на крајот од јубилејното издание

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Со импресивна ревија на македонската дизајнерка Олгица Ѓоргиева, заврши дваесеттата сезона на најголемото домашно модно случување, кое изминатите денови се одржуваше во Музејот на град Скопје, приклучувајќи се кон прославата на 70-тиот јубилеј на монументалниот објект во метрополата.

Први на третиот ден од Модниот викенд, се претставија студентите од Академијата за Моден Дизајн во рамките на „Џолев и уметностите” и „Сеавус Едукативен и Развоен центар”, преку групната ревија во која беа преточени индивидуалните дизајнерски приказни под менторство на професорот Никола Ефтимов.

Идеологијата која ги врзува „Attitude “на Елена Маџирова, „Back to the roots ” на Ангела Доневска, „Memory of a town “ на Мирјана Јосифоска, „Vanity ” на Ана Марија Атанасовска и „Рефлексија“ на Марија Стојановска е општествената одговорност. Тргнувајќи од грижа за околината во која живееме и работиме, до создавање производи водејќи грижа за ефективно учество во социјалниот, еколошкиот, умствениот, како и економскиот напредок на нашето окружување.

Наталија Терзија премиерно ја промовираше линијата за sport-glam облека „Terziya movement“, проткаена со минималистички комфор и доза на футуризам. Колекцијата се состоеше од  петнаесет безвременски изгледи, кои се создадени за непрекинато движење, како есенција на животот. Во целиот концепт на оваа модна линија, таа развива поттик за виталност и здрава свест низ урбана димензија, кршејќи ги бариерите во однос на телесните облици и наметнатите општествени стандарди.

Како претпоследна учесничка на настанот, имагинацијата за есен-зима 19/20 пред публиката ја прикажа Сара Реџиќ. „Romantic fall“ е името на колекцијата со која во нејзин препознатлив стил, дизајнерката сака да ја разубави претстојната сезона.

На модната писта излезе со дваесет и пет креации изработени од безвременски материјали, давајќи им повторна шанса да светнат во полн блесок и сиот раскош што го носат во себе. Бидејќи е голема вљубеничка во рачната изработка, ниту овојпат не изостанаа карактеристичните рачно изработени детали.

Со колекцијата „E!Motion“ на „Go by Olgica Gjorgieva“, официјално заврши програмскиот дел на јубилејното издание. Испратена со аплаузи и овации, македонската дизајнерка предизвика вистинска бура од емоции со парчињата облека, акцентирајќи дека- да се сакаш себеси е една од најмоќните и највистинските емоции во животот.

Десетта година по ред, Скопје пулсираше во ритамот на Модниот викенд, благодарение на многуте пријатели на настанот, а Музејот на град Скопје се преобрази во оаза на гламурот.

Фотографии-AD Photography.

 

 

Share.