Три земји бараат спас за Сирија

0
210

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров по состанокот за Сирија со министрите за надворешни работи на Турција и на Иран во Москва, Мевлут Чавушоглу и Мохамад Џавад Зариф, кажа дека западните држави планираат поделба на Блискиот Исток.

Според него, за западните земји поддршката за суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Сирија се само зборови, кои треба да ги замаскираат плановите за поделба на Блискиот Исток и поделба на Сирија.

Лавров наведе дека е убеден дека Русија, Турција и Иран се сериозно заинтересирани за зачувување на целовитоста на Сирија во која „етничките и верскитре групи ќе имаат еднакви права и ќе можат да живеат во мир меѓу себе и со соседите“.

Тој ги оцени како неприфатливи обидите за дестабилизација на ситуацијата во Сирија, охрабрувањето на екстремистите и поставување предуслови за дијалог кои не се во согласност со Резолуцијата 2.254 на Обединети нации.

Зариф посочи дека дејствувањето на САД во Сирија води кон ексалација на тензиите и претставува голема опасност.

„Сметаме дека странска интервенција во Сирија води само кон дополнителна ескалација на тензиите. Сметаме дека дејствувањето на САД во Сирија, што доведе до дополнителни ескалации и етнички тензии претставува опасност за регионалниот поредок поврзан со политичката независност и единство на Сирија. Меѓународната заедница сфати дека со воено решение само го продолжува страдањето на сирискиот народ“- наведе Зариф.

Тој вели и дека истрагата за наводната употреба на хемиско оружје во Сирија „мора да биде непристрасна“.

Чавушоглу рече дека во Сирија е неопходно да се изгради доверба помеѓу завојуваните страни. Тој додаде дека какво било воено решение во Сирија би било незаконско и неодржливо.

Чавушоглу потенцира дека Турција, Русија и Иран треба заедно да дејствуваат за да се постигне политичко решение за Сирија.

faktor.mk