Филмот „Кајмак” на Милчо Манчевски имаше извонредна светска премиера во Токио. Пред преполна сала и пречекан со огромен аплауз, филмот премиерно беше прикажан на 35. Меѓународен филмски фестивал. По проекцијата режисерот и актерките Сара Климоска и Ана Стојановска имаа разговор со публиката.
„Кајмак” се прикажуваше во официјална конкуренција на овој фестивал од А-категорија, кој е најголем во Азија и еден е од најголемите во светот. Од предложени 1.700 филмови од 107 земји, во официјална конкуренција влегоа само 15, меѓу кои и македонскиот „Кајмак”. На Манчевски му беше укажана исклучителна чест со тоа што го поканија да одржи мастерклас за јапонските студенти и публика како единствен автор од западниот свет со мастерклас покрај претседателката на жирито, американската режисерка Џули Тејмур.

ТИФФ се отвори на 24 октомври, кога на црвениот килим продефилираа сите учесници, меѓу кои и дел од македонскиот тим на „Кајмак” предводен од режисерот Манчевски, актерките Климоска и Стојановска и продуцентот Јане Ќортошев. И амбасадорот Горан Цеков присуствуваше на светската премиера . Филмот го гледаше и јапонскиот оперски првенец Казухиро Котецу кој истакна: Филмот ги прикажува различните форми на желба за човечки односи што сите ги имаме денес. Наративот на режисерот не ја губи човечката топлина и хумор, справувајќи се со сериозни ситуации.

По светската премиера во Токио, „Кајмак” патува на филмскиот фестивал „Златен коњ” во Тајпеј, Тајван. Македонската премиера на „Кајмак” е предвидена за средината на ноември, а филмот веднаш ќе биде на редовен репертоар во сите киносали низ земјава. Филмот на Манчевски е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода.

Финансиери се Агенцијата за филм на Македонија и државните фондови на Данска, Холандија и Хрватска, како и од европскиот фонд Еуроимаж. Македонската Радио Телевизија е копродуцент.
По сценарио и режија на Манчевски, во филмот играат: Сара Климоска, Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ратка Радмановиќ, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.
Македонски продуцент на филмот е Банана филм.












