Децата воодушевени од претставата на знаковен јазик Три

Претставата Три во режија на Јован Ристовски, е првата професионална претстава на знаковен јазик за глувонеми и наглуви лица во Македонија, на македонски јазик. 

Наменета е за широката детска публика и истовремено за децата кои се глувонеми и наглуви. 

Претставата е дел од АТО, центар за современа уметност и култура. Идејата за претставата на знаковен јазик се роди пред 10 години.

Актерите паралелно зборуваат и говорно и на знаковен јазик, па така еден од главните ликови Звонко Бонбонко кој го игра актерот Никола Пројчевски, е дете кое нема проблеми со слухот, сретнува три самовили кои ги играат актерките Маја Андоновска Илијевски, Сандра Грибовска, Анастазија Христовска, кои се всушност глуви самовили, кои го користат знаковниот јазик но исто така и зборуваат во исто време.

“Ние се обидовме да го вклучиме знаковниот јазик во една обична приказна, лесна за децата. Не само децата кои имаат проблеми со слухот, туку и децата кои немаат ја прифаќаат приказната и учат во исто време кога ние ја покажуваме азбуката на знаковрн јазик, тие не имитираат„, истакна актерот Никола Пројчевски.

„Тоа е еден нов свет кој се отвори пред нас, свет кој за нас беше непознат во кој се впуштивме во основни познавања за оваа претстава. На овој начин и нашиот актерски свет го доближивме до дечињата кои се дел од центарот за за глувонеми и наглуви лица“, изјави актерката Маја Андоновска Илијевски.

Актерката Анастазија изјави: „Ни беше доста итнтересно да го учиме знаковниот јазик и големо е задоволството да усреќиме дечиња кои претходно не гледале претстава на нивниот знаковен јазик“.

„Оваа претстава беше голем предизвик за нас, но не беше воопшто тешко. Сакаме уште да го донаучиме за да можеме и понатаму да го користиме“, изјави актерката Сандра Грибовска.

Премиерата на претставата беше на 29 ти октомври во Центарот за култура, а репризите викендов кој измина. Планирана е и турнеја низ Македонија во 7 градови.

Костимографијата во претставата е на Марта Дојчиновска, толкувач на знаковен јазик е Сузана Станоевска.Следната изведба е на 13 ноември во 12.00ч. Во Центарот за култура.

 

Неда Маретиќ

Сподели