Македонската култура во Будимпешта, беше презентирана преку настанот „Македонска вечер“ – вечер посветена на македонската музика, македонското вино и македонската гостопримливост.

На настанот се дегустираа вина, а за музиката беа задолжени членовите на унгарското музичко дуо БудаПесме, кое се претстави со нов репертоар на македонски народни песни. Организатори на настанот беа Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта и Институтот за унгарски вина. Специјален гостин на вечерта беше македонскиот амбасадор во Варшава и економски советник за Полска, Чешка, Унгарија, Словачка, Илија Псалтиров.

Пред гостите на Македонската вечер, тој се претстави со презентација за туристичкиот потенцијал и убавини на Македонија, насловен како „Откријте ја сончевата Македонија“. Македонската музика допира до сечие срце, а изненадување на вечерта беше кога амбасадорот им се приклучи на музичарите и заедно отсвирија неколку песни.

Според организаторите, „Македонската вечер“ прераснува во традиционален настан, добро познат и популарен кај унгарската публика чиишто следбеници стануваат сѐ побројни од година во година. Златко Панзов, лекторот по македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, изјави дека ваквите настани се многу значајни за промоција на македонската култура во Унгарија, а истовремено се важни за промоција и афирмација на македонскиот јазик што се покажува преку зголемениот интерес за изучување на македонскиот јазик.

Секој ваков настан се завршува со оро па така и овој кога сите присутни заиграа македонско оро.












