„Убиениот“ руски новинар Аркадиј Бабченко е жив, убиството било инсценирано

0
1462

Наводното убиство на рускиот новинар Аркадиј Бабченко во вторникот во Киев всушност било трик на украинската полиција за спречување на планираниот напад, објавија украинските власти.

Рускиот новинар Аркадиј Бабченко, за кој вчера медиумите известија дека е убиен во Киев, е жив и здрав.

Бабченко, познат критичар на Кремљ, денеска се појави на прес-конференција на украинската телевизија.

Шефот на безбедносните служби на Украина, Васил Храјцак, за новинарите изјави дека „убиството“ било инсценирано за да се изложат руските агенти.

„Според информациите добиени од украинската безбедносна служба, самите руски безбедносни служби наредиле да се убие рускиот новинар Аркадиј Бабченко“, рече Храјцак.

Бабченко им се заблагодари на украинските безбедносни служби за спасувањето на неговиот живот. Не беше веднаш јасно како точно било инсценирано лажното убиство.

Руското министерство за надворешни работи во соопштение рече дека е среќно што Бабченко е жив. Портпаролката Марија Захарова рече дека инсценираното убиство е направено за „пропаганден ефект“, објави руската новинска агенција Интерфакс.

За новинарот беше известено дека е пронајден од неговата сопруга како крвави на влезот во неговиот стан, дека бил неколку пати застрелан во грб и дека починал во амбуланта.

Тој наводно не ѝ кажал на сопругата дека убиството било наместено. „Посебно извинување до мојата сопруга“, рече тој на прес-конференцијата.

Полицијата соопшти дека уапсила еден човек во рамките на вонредната операција.

Добро познат критичар на Кремљ, Бабченко изведе неофицијални избори што ги организираше опозицијата во 2012 година и ги осуди активностите на Русија во Сирија и источна Украина.

Тој ја напушти Русија во 2017 година, откако доби смртни закани поради пост на социјалните медиуми.

mkd.mk