На првата фестивалска вечер од 33.издание на меѓународниот хорски фестивал „Техо“ во Тетово, во соборниот храм “Свети Кирил и Методиј” , настапија четири хорови со прекрасни изведби на православна духовна музика, меѓу нив и битолскиот мешан хор „Стив Наумов“, под диригентство на Лилјана Трајковска Димески.
„Овој хор е учесник од првото ТЕХО од 1973 година, во континуитет хор застапен на нашиот фестивал“, истакна претседателот на фестивалот Ивица Зориќ.
На фестивалот беа изведени вкупно 45 композиции од осум хорски состави. Покрај битолскиот хор настапија и за првпат детскиот хор „Лале“ кој оваа година настапи со православна духовна музика, под диригентство на Теодора Ветероска. Потоа настапи хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, со диригентот Димитар Угриноски, Нишкиот камерен хор, Србија со диригентот Ивана Милошевиќ, Хорското музичко друштво „Коста Рацин“ од Скопје за прв пат под диригентство на Ангелина Спасовска, камерниот хор „Керамија“ од Прилеп под раководство на Катерина Попоска, Градскиот камерен хор „Астибо“ од Штип со диригентката Ивана Ѓурѓевиќ Јанков и на крајот традиционално хорот „Менада“ под диригентство на Зориќ.

Новина во рамките на фестивалот беа изложбата и презентација на роднокрајните книжевни дела кои беа изложени во Лешок. Досега на сите изданија на ТЕХО настапиле 300 хорови.












