Утре на 2 август, на големиот христијански празник Свети Отец Пророк Илија – Илинден и Денот на државноста на Македонија, во дворот на црквата “Успение на Пресвета Богородица“ во потпелистерското село Трново, битолско, ќе се одржи традиционалната 51-ва Светска Македонска Иселеничка Средба и 42-ра Погранична Средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија како Една и единствена СЕМАКЕДОНСКА СРЕДБА ТРНОВО 2022! Организатори на 51. Семакедонска средба се Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.
Семакедонската средба започнува во 10.30 часот а ќе трае до 12.30 часот, по што ќе продолжи со општонародна веселба. Од 7.30 до 10.00 се одржува света богослужба во црквата “Успение на Пресвета Богородица“. Присутните ќе ги поздрават градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски како покровител на Средбата и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите проф.д-р Љупчо Коцарев.

„Традиционално на Илинден упатуваме пораки за семакедонско обединување и помирување за одбрана на името на државата и идентитетот на македонскиот народ. Укинување на Преспанскиот договор, но и на договорот меѓу Бугарија и Македонија со кој се наложува промена на јазикот, традицијата, културата, историјата и се` што е белег на еден народ. Да се укинат и меѓувладините комисии меѓу Македонија и Бугарија за ревизија на македонската историја зашто на Македонија не е и е потребна нова политичка историја , таа си има историја која трае со векови“, рече Александар Јаневски, претседатeл на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и на сојузот „Македон“
На Семакедонската средба ќе присуствуваат архимандрит Никодим Царкњас, градоначалникот на општина Пустец Пале Колефски, претседателот на единствената Македонска партија во Албанија Васил Стерјовски и градоначалниците на Новаци и Могила. Подготвена е богата културно-уметничка програма во која ќе учествуваат КУД “Гоце Делчев“ од Битола, играорни групи од Пиринска и Беломорска Македонија, премиерно, изведување на песната ” Боже правда нема ” на Соња и Оливер Бенд, од Торонто Канада, во придружба на АФ Гоце Делчев Битола, музичката група “Преродба” од Прилеп, Софија Кочовска и општо народната веселба ќе продолжи со музичката група “Гоце Делчев” .
На Семакедонската средба се очекуваат Македонци од сите делови на Македонија и од целиот свет.












