Во организација на КУД „Дримкол“ од Вевчани, се одржа новогодишниот концерт „Фатил сокол еребица“ . На програмата беа роднокрајни народни песни обработени и под диригенство на учителот Аргил Мукоски од Вевчани, а во изведба на членови на првиот фолклорен ансамбл, младинскиот ансамбл и оркестарот на КУД „Дримкол“.

Концертот, имал претпремиера, каде пензионираниот учител, основач и прв раководител на КУД „Дримкол“, Мукоски изразил задоволство што работел со талентирани уметници. Концертот го посветил на 50-години активна работа на КУД „Дримкол“ од Вевчани. Програмата ја сочинуваа традиционални песни, кои тој ги собирал за време на неговиот работен век како учител по музичко образование.

Меѓу хорските изведби беа ставени и три ороводни песни на кои девојките од младинскиот ансамбл играа со оригиналните чекори од терен кои ги поставил Мукоски заедно со неговата сопруга Звезда. Обработките и изведбата на хорските вокални напеви за првпат се поставуваат на репертоарот на КУД „Дримкол“ со што ова друштво ја потврдува својата инвентивност, сериозност и професионалност при работењето. Концертот се одржа во Мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ во Вевчани.












