Федерацијата формираше комисија за испитување на случајот со загинатите планинари

0
389

Планинарскиот сојуз на Македонија треба итно да го преиспита случајот за да се утврди евентуалната одговорност затоа што има неколку противречни верзии за самиот настан, бараат најблиските на Калина Велевска и Александар Миновски, загинатите планинари во неделната трагедија под врвот на планината Ниџе.

„Навистина е згрозувачки повикот на квази планинарското друштво „Трансверзалец“ од чие дилетанство, кое се граничи со умисла, загинаа нашите две деца Калина и Алаксандар. Цели три дена од нив не чувме јавно извинување или барем некаков израз на сочувство за прерано трагично изгубените животи. Наместо тоа, друштвото што ја организирало оваа тура под водство на некаков си самопрогласен водич  (за кого се сомневаме дали воопшто има лиценца за организирање на тури во зимски услови, но за кого сме сигурни дека нема физички и интелектуални капацитети да води луѓе ни до Средно Водно), безобразно повикува на молк и на гушење на слободата на изразување. Се разбира, за да ги прикријат големите грешки во целиот овој настан“

Во отвореното писмо меѓу другото и прашуваат.

„Дали воопшто некој од државните власти ќе се заинтересира на кој начин овие друштва функционираат, дали ги следат прописите за безбедност на планинарите, дали овие тури некаде се пријавуваат и регистрираат, дали постои некоја евиденција, дали овие друштва имаат обврска на некого да пријават вакви тури и каков е нивниот исход? Минатата година се дозволи, младиот Мартин на возраст од 17 години, да оди на ноќна тура на Шапка, но благодарение на околноста што двајца други му го грееле телото на минус 20, истиот преживеа. Треба ли уште некој живот да изгубиме? Ќе се спречи ли ова дилетанство и анарахија и ќе се воведе ли ред во планинарските тури или ќе се сведе на бизнис во кој човечките животи не вредат ни пет пари???“ стои во писмото на семејствата.

Во меѓувреме преку соопштение се огласи и Федерација на планинарски спортови.

„Федерацијата на планинарски спортови на Македонија изразува жалење и сочуство до семејствата и сите планинари, љубители на планината и природата за прерано згаснатите животи на нашите Калина Велевска и Александар Миновски, членови на Планинарскиот Клуб Трансверзалец од Скопје. Федерацијата со огромна тага и неверување ја прими информацијата за трагичната несреќа која се случи за време на планинарската тура организирана и реализирана од ПК Трансверзалец и уште во текот на вчерашниот ден оформи специјална комисија, составена од наши членови и екперти за немилиот настан. Комисијата ги очекува сите релевантни податоци од надлежните институции во Република Македонија и соседна Република Грција, како и официјалните податоци од организаторот на планинарската експедиција. Од огромна важност за Федерацијата ќе биде да се направи темелна анализа за трагичниот настан. Болката и тагата за прерано згаснатите животи не може да се надомести со ништо, но вистината за трагичниот настан заслужува да ја знаат семејствата, планинарите и нашите членови. Во меѓу време сакаме да се воздржиме од шпекулации и дезинформации за настанот, затоа што ваквите настани заслужуваат темелна и длабока анализа во соработка со сите надлежни институции…
По добиените официјални информации и сознанија ФПСМ ќе излезе со свој став по повод немилиот настан“ стои во соопштението.