Фестивалот СИ-ДО ја продолжува битолската музичка традиција

Битола овој период дишеше во знакот на еден од најреномираните детски фестивали Си До. Фестивал, кој стана препознатлив бренд за нашиот град, низ кој во текот на годините поминале голем број на дечиња.

Детските хитови беа создавани со посебно внимание, песнички кои до ден денешен ги пееме.

Таму некаде закопани во нашата меморија, секој од нас од време на време си ги потпевнува и се потсетува на своето детство. Како продолжување на таа битолска традиција, во 2005-тата година композиторот Миле Шерденков по иницијатива на граѓаните на Битола и пошироко, еден од првите членови од организацијата на детскиот фестивал Си-До и неговиот син, Дарко Шерденков, ја превземаат организацијата во свои раце, така што овој фестивал прераснува на едно повисоко ниво во интернационални рамки.

-Фестивалот се подготвува цела година, а предизвикот да се организира истиот е огромен-истакна Дарко Шерденков.

Оваа година јубилејното 25 -то издание помина во знакот на учесниците кои ги развеселија сите присутни.

Изминатите години реализирани се многубројни концерти и настапи низ нашата држава, а оваа година создадени беа нови хитови кои ќе го збогатат македонскиот фонд со детски песни и незаборавни спомени .

Препознатливо лице на секоја манифестација, па така и на овој детски фестивал, е водителот, односно во овој случај водителката,Маја Андоновска Илијевски, која е дел од истиот повеќе години, а она што е интересно е дека и самата беше дел од Си До како учесник, со песната Досадна недела.

 

Овогодинешното издание на Си -До беше со еден нов концепт, на отворено,  на Ракометното игралиште во Битола со запазување на сите протоколи за безбедност и заштита. По повод јубилејот, на отворањето беа испеани и хитовите на Си-До како една ретроспектива на годините наназад.

Целта на детскиот фестивал СИ-ДО е да се промовира и афирмира македонската детска песна.  Постарите хитови будат спомени кај  постарите генерации, а новите актуелни песнички се хитови на сегашните генерации.

 

Сподели