Филипче: Антивакциналните кампањи се темелат на псевдонаука

0
207

Државата во целост гарантира за квалитетот на вакцините, вели во интервју за Дојче Веле министерот за здравство Венко Филипче. Смета дека не смее да остане несанкционирано ширењето невистини и замајувањето на јавноста.

Дојче веле: Во јавноста се крена голема прашина по последните Ваши најави за построги контроли и казни за невакцинирање на децата. Каков е актуелниот опфат на вакцинирани деца низ државата и дали постои опасност да се повтори епидемијата на морбили која се случи во соседна Србија?

Венко Филипче: Актуелниот опфат со примоимунизација е намален освен за вакцината против туберкулоза (96,8%) и изнесува за повеќето вакцини 91,1 %, за МРП вакцината 82,6 %, а најнизок е за ХПВ -48%. Овој опфат е најнизок до сега споредбено со години наназад. Факт е дека последните 3 години опфатот постепено опаѓа како резултат на антивакциналните кампањи, што е глобален проблем, а не само кај нас. Со овој опфат не се обезбедува колективен имунитет и можно е појава на епидемија на морбили кај нас, имајќи го во предвид летниот период и поголемата раздвиженост и патувања. Да напоменам дека епидемија на морбили има и во Грција.

Зошто воопшто во 21. век во Македонија се зборува за потребата од вакцинирање, од каде доаѓа тенденцијата на граѓаните да не ги вакцинираат своите деца?

Тенденцијата на граѓаните да не ги вакцинираат своите деца доаѓа од силните антивакцинални кампањи кои се темелат на псевдонаука, следење на несоодветни веб страници и погрешни информации по социјални мрежи. Понатаму, невакцинирање се случува и поради недоволната информираност на населението за квалитетот и безбедноста на вакцините од една страна, но и недоволната едукација на лекарите и спремност за комуникација и одговор на поставените прашања од страна на родителите. Дополнително постои силна недоверба во здравствениот систем, која се должи на долгогодишните погрешните политики во здравството, како и законот за лекови за паралелен увоз, кој сега го менуваме.