Филипче: Денеска од Австрија ја добивме првата количина на вакцини од Фајзер

Министерот за здравство д- р Венко Филипче денеска се сретна со Н.Е. Каролине Едштадлер, Сојузна Министерка за ЕУ и Устав на Австрија. На средбата двајцата соговорници ја потенцираа важноста на процесот на имунизација и заклучија дека недостатокот на вакцини е проблем со кој се соочуваат сите земји во светот. Сојузна Министерка за ЕУ и Устав на Австрија истакна дека и Австрија го има истиот тој проблем, потенцирајќи дека „никој не е безбеден додека сите не се безбедни”. На средбата Филипче и Едштадлер говореа и за сертификатите кои граѓаните треба да ги добијат по примањето на две вакцини за непречено движење надвор од границите и беше кажано дека сертификатот ќе биде предмет на взаемно договарање на двете земји, без ограничување со типот на вакцините.

Денеска од Австрија ја добивме првата количина на вакцини од Фајзер, вкупно 4860, а до крајот на месецот ќе пристигне и вкупната количина од 19.890 дози. Оваа поддршка во тек на актуелната пандемија значи многу за взаемната продуктивност при процесот на вакцинација. Тим Европа на ЕУ се роди во ковид 19 кризата како начин на колективна поддршка и солидарност на ЕУ кон државите партнери во битката со пандемијата. Покрај набавката на вакцините на состанокот се разговараше и како да се влијае врз подигање на свеста на граѓаните за важноста од вакцинација.

-Интензивната соработка на нашата и австриската влада започна многу порано пред почетокот на ковид пандемијата. Владата на канцеларот Курц во форма на стручна бесплатна помош за развој и унапредување на здравствениот систем во нашата држава помогна во изработка на физибилити студија за изградба на новиот Клинички центар – истакна на средбата министерот Филипче.

Сподели