Филипче: Ќе има измени во законот за абортус

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Во тек е подготовка на нов закон за прекин на бременоста со кој на жената и се дава можност за слободен избор за абортус до 12-та недела, во консултација со матичниот гинеколог, најави министерот за здравство, Венко Филипче.

Филипче рече дека жената ќе има слободен избор за прекин на бременоста и до 22 гестациска недела од бременоста, со оценка на комисија составена од двајца гинеколози и еден социјален работник.

„По наполнување на 22 гестациска недела, ќе се формира посебна стручна комисија која ќе треба да направи проценка за одобрување прекин на бременост. Таа комисија, освен гинеколози и акушери, ќе биде составена и од специјалист од детска хирургија, детска кардиологија, кардиохирургија, неврохирургија, анестезиологија и социјален работник. Во случај на вродена аномалија кај плодот жената има право да ја прекине бременоста врз основа на мислење од овие специјалисти“, рече Филипче и додаде дека одлуката за прекин на бременоста е право на жената и оти тоа никој не може да и го одземе.

Министерот Филипче кој денеска учествуваше на стручниот симпозиум на тема „Вродени аномалии – предизвици, дилеми и третман“ во организација на Македонското лекарско друштво изјави дека направиле неколку измени во законот, усогласени се со Министерството за труд и социјална политика и во постојана комуникација се со работната група составена од гинеколози и други експерти кои имаат стручна улога во процесот на абортус.

„Тоа што е ново, што го немаше во досегашниот закон, е што волјата на жената ја ставаме на прво место во овој период. Нацрт верзијата на законот е подготвена и потребна е уште една финална консултација со сите кои се заинтересирани за промена на законот, со стручните лица од Клиниката за гинекологија и акушерство, МТСП и невладините организации“, вели Филипче.

Share.