Филмот Врба ја започнува 2022 на фестивал во Јапонија

ВРБА ја започнува 2022 во Јапонија на фестивалот KYOTO HISTORICA, кој ќе се одржува од 22-ри до 30 -ти јануари.

Овој период филмот беше прикажан и беше дел од неколку фестивали: фестивалот Cinequest, L’Europe autour de l’Europe во Париз ,Маратонскиот филмски фестивал во Атина и други.

Врба е шестиот долгометражен игран филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски, кој е автор и на сценариото. По девет години, тој беше прв филм што Манчевски го работеше во Македонија.

„Врба“ е три испреплетени приказни за љубов и доверба – едната од македонското средновековие, другите современи – се огледуваат и се во контраст една со друга. Иако ги раздвојуваат векови, ликовите во „Врба” имаат слични грижи, радости и соништа. „Се работи за љубовен филм за денешни и дамнешни души. Не е важно која е темата или пораката на едно уметничко дело, важно е тоа да те допре, расплаче, насмее или налути“, вели режисерот Манчевски.

Главните улоги режисерот ги довери на младите актери: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и на веќе искусната Камка Тоциновски. Покрај нив во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова Периќ..

Филмот беше сниман се на локации во живописните мариовски села Штавица, Дуње и Зович, на Трескавец, во Преспанскиот Регион и на различни локации низ Скопје.

Директор на фотографија е унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, за костимите се задолжени Жаклина Крстевска и Ѓерѓи Сакач од Унгарија, асистент на режија е Никола Ивановиќ од Србија, а кастинг директорка е Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а извршен продуцент е Ник Пауел од Велика Британија, легендарниот коосновач на „Вирџин рекордс“ заедно со Ричард Брансон. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско – унгарско – белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

Оваа година Врба ја доби наградата од жирито за најдобар филм на фестивалот во Њујорк. Светската премиера беше на римскиот фестивал во 2019, а потоа беше прикажан на уште 30 фестивали и освои 5  награди.  Беше и македонски кандидат за Оскар.

Претходно филмот беше награден за Најдобар филм на фестивалот во Синеквест, Калифорнија, каде ја имаше американската премиера.

Неда Маретиќ

Сподели