Филмот „Почва“ се снима во Битола

Битола и битолскиот регион се погодна почва за снимање на филмови. Овој период во тек е снимањето на краткометражниот филм „Почва“ во режија на Алекс Цветков, млад и талентиран режисер, кој завршил филмска режија во Лос Анџелес.

Директорот на Агенција за филм – Бојан Лазаревски присуствуваше на сет -информираа од агенцијата. Филмската екипа е составена од филмски професионалци од Македонија, Хрватска и Словенија.

Главните улоги ги толкуваат македонските актери Димитар Ѓорѓиевски и Наташа Петровиќ и словенечкиот актер Матјаж Јавшник.

Ова е втор краткометражен филм на Алекс Цветков кој е поддржан од Агенцијата за филм, првиот беше филмот „Извидник“ кој всушност беше негово дипломско дело.

Цветков е син на популарниот каскадер од Македонија, Рок Цветков, кој стекна светска слава работејќи на холивудски филмови како „Шиндлерова листа“, „Патриот“, „Ничија земја“ .

Токму со филмот Извидник се затвори Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола во 2018. Истиот  беше селектиран во компетитивната програма на најзначајниот филмски фестивал за краткометражен филм во светот „Л. А. Шортс“, што се одржува во Лос Анџелес, Калифорнија.

Филмот Почва е ко-продукција на Sektor Film (Сектор филм), продуценти Владимир Анастасов и Ангела Несторовска, Трамал филмс од Словенија, продуцент Миха Чернец и МП продукција од Хрватска, продуцент Игор Нола, a извршен продуцент Рок Цветков.

Директор на фотографија – Јошко Моровиќ, Костимограф – Жаклина Крстевска,

Сценографија – Шпела Јеловчан и Марко Јуратовец,

Шминка – Жанета Димитриевска.

Неда Маретиќ

Сподели