Фолтин специјални гости на вечерта во чест на премиерата на филмот Господ постои, името  ѝ е Петрунија во Берлин

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Денес започна Берлиналето, филмскиот фестивал во Берлин кој оваа година го има своето 69. издание и на кој светската премиера во официјалната конкуренција за наградата „Златна мечка“, ќе ја има македонскиот филм „Господ постои, името  ѝ е Петрунија“, во режија на Теона Стругар Митевска. За време на фестивалот се закажани  8 проекции на македонскиот филм, а билетите се  веќе распродадени.
На денот на премиерата, нашата екипа приредува и специјална македонска вечер на која ексклузивни гости ќе бидат битолчаните  „Фолтин“.
Господ постои, името ѝ е Петрунија, на Теона Стругар-Митевска е копродуција меѓу пет земји – Македонија, Франција, Белгија Словенија и Хрватска. Сниман е на почетокот на 2018 година. Приказната на филмот се случува во Штип, каде што секоја година во јануари локалниот свештеник фрла дрвен крст во реката, а стотици мажи со нуркање сакаат да дојдат први до него. Петрунија неочекувано се фрла во водата од каприц и успева да го фати крстот пред другите. Нејзините конкуренти се бесни – како се осмелува жена да учествува во нивниот ритуал? Настанува општ хаос, но Петрунија опстојува на своето.

Актерката Зорица Нушева ја толкува главната улога.
Во актерската екипа се и:Петар Мирчевски, Мони Дамески, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Џевдет Јашари, Виолета Шапковска, Андријана Колевска, Бајруш Мјаку, Илија Волчевски, Никола Кумев, Игор Тодоров, Ненад Ангелковиќ, Лабина Митевска и Владимир Тулиев.
Вук Митевски е сценограф на филмот.

Берлин веќе недели наназад е во знакот на филмот, културата и традицијата на овој фестивал.
Фестивалот секоја година привлекува над 350.000 посетители од целиот свет и 4.500 акредитирани новинари, а за филмската индустрија и медиумите, овие 11 денови во февруари се воедно и едни од најважните настани во годишниот календар.
На Булеварот на ѕвездите “Allee der Sterne” се поставени и огласни табли со официјалниот постер на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, а првата премиера ќе биде прикажана на 10 февруари од 16 часот.
Данската режисерка Лоне Шерфиг  го отвора фестивалот со филмот „Добрината на странците“.
За Златната и Сребрените мечки годинава се натпреваруваат 17 филмови, меѓу кои и македонскиот.

Како дел од годинешното жири на Берлиналето ,е и актерката Жулиет Бинош која беше гостин на филмскиот фестивал Браќа Манаки.

На 12-ти февруари со почеток од 14 часот, сестрите Лабина и Теона Митевски ќе одржат и свој „Мастер клас“ во рамки на програмата “Berlinale Talents”.

Со ова учество Македонија после 25 години повторно ќе биде дел од главната конкуренција на еден од трите најголеми фестивали во светот, Берлин, Кан, Венеција.
Новата 2019 година во целата историја на македонската кинематографија започнува највозвишено и најгламурозно, со високо респектабилен настап на Берлинскиот филмски фестивал, во три различни области, најпрвин филм во официјална натпреварувачка програма „Господ постои, името и’ е Петрунија “, потоа нашата филмска ѕвезда Благој Веселинов, гордо ќе застане зад номинација за „Ѕвезда во подем“ – Shooting star“ и младата актерка Сара Климоска ќе биде дел Берлинале Талент 2019.
Екипата на филмот заминува на фестивалот, а покрај режисерката Теона Митевска и продуцентката Лабина Митевска, на патот кон освојување на Златната мечка ќе оди и голем дел од екипата која работеше на филмот, како и дел од актерската екипа сочинета од Зорица Нушева, Симеон Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујишиќ, Џевдет Јашари и Бајруш Мјаку. Среќно.

 

Share.