Фон дер Лејен остана без столче на состанокот со Ердоган

Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лејен не добила столица, на која би можела да седне за време на разговорот со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган.

На снимката објавена на интернет се гледа како шефицата на Европската комисија немала каде да седне во салата во која се одржал состанокот, бидејќи биле ставени само две столици, од кои на едната седнал претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

На крајот, Фон дер Лејен се сместила на каучот, наспроти министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу, кој е, според дипломатскиот протокол, на понизок ранг.

Инаку тоа место, за време на ваквите средби, им припаѓа на преведувачите и на другите учесници на состаноците.

Според изворите на ЕУ, средбата меѓу тројцата траела два и пол часа.

„Важно е дека претседателката требаше да има исто столче и да биде соодветно третирана како претседателот на Европскиот совет и турскиот претседател“, изјави портпаролот на Европската комисија Ерик Мамер.

Тој додаде дека дер Лејен одлучила да продолжи состанокот со приоритет на содржината, а не на протоколот, но побара од нејзиниот тим да преземе соодветни контакти со цел да не се случи ваков инцидент во иднина.

Тој додаде дека нејзиниот тим за протокол од ЕУ не патувал со неа во Турција поради протоколите со пандемијата со коронавирусот.

Сподели