Француска делегација во посета на Битола

0
1330

Пратениците од Собранието на Република Франција и членови на “Републиката во движење” (мнозинство), Бертран Сор, Претседател и Грегори Галбадон, Заменик -претседател на групата за француско – македонско пријателство, заедно со Амбасадорот на Франција во Република Македонија, денес остварија средба со градоначалничката на Општина Битола.

Ваквите средби се уште една потврда за соработката помеѓу Македонија и Франција, но и најава за чекорите кои ќе следуваат.

„Денес сум овде присутен со пратеници од Француската група за пријателство и соработка со Македонското Собрание, затоа што навистина сакаме да ја мобилизираме целокупната македонско – француска поддршка, особено по добивањето на позитивната препорака во извештајот од Европската комисија, полека ќе навлеземе во нова фаза. И навистина ќе ни претстои многу заедничка работа, голем број на соработки, но и напори за да видиме што поголем број на француски претпријатија присутни во Битола, што поголем број на културна соработка со градот. Ќе истакнам и дека француски делегации ќе го посетат градот Битола, затоа што Битола е град, кој што навистина ни е при срце и ќе се обидеме да ја зголемиме севкупната соработка помеѓу двете земји“, изјави амбасадорот на Франција, Кристиан Тимоние.

На средбата, беше потенцирано дека континуирано се работи и на пречекот на Македонија во ЕУ, преку зајакната соработка помеѓу македонското и француското собрание.

„Вчера имавме посета на Собранието на Република Македонија и се сретнавме со претседателот и со сите членови на пратеничката група која што е надлежна за соработка со француското собрание и поразговаравме за размена на секаков вид на практики низ собранието, но исто така и за начинот на кој што се спроведува демократија, но знаеме дека политиката е еден голем политички компромис. И во Франција и во Македонија постои опозиција, но треба освен меѓусебните конфронтации да знаеме и заеднички да соработуваме, односно да може да ја спроведуваме демократијата за да може да воспоставиме успешна и позајакната соработка помеѓу собранијата на двете земји, што впрочем е наша цел“, изјави Бертнар Сор, претседател на групата за пријателство.

Градоначалничката Петровска, нагласи дека денешната посета е само потврда на постојаноста во заложбите на Франција, кон помагање и пријателски однос кон Република Македонија во нејзините интеграции во ЕУ

„Секогаш нагласувам, дека ваквите средби се само потврда на она што е мој сон. Не само Македонија, туку и Битола, да го добие заслуженото место, на град кој што ќе претставува атрактивна туристичка дестинација и мислам дека со крајот на мојот четиригодишен мандат, всушност навистина за мене ќе биде најголемиот успех, ако Битола е посетена во секоја уличка и полна со туристи“, изјави градоначалничката на општина Битола, м – р Наташа Петровска.

По средбата со градоначалничката Наташа Петровска, пратениците Сор и Галбадон заедно со Амбасадорот на Франција Кристиан Тимоние, присуствуваа на комеморативен настан за жртвите од Првата светска војна на француските воени гробишта. По тој повод свечено беше поставено уметничко дело од длабен камен изработено од француски ученици од Гимназијата „Ла Рокел“ од Кутанс во Нормандија кои се на училишна размена со Гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола.