Хан, Могерини, Столтенберг и Нимиц за договорот на Македонија со Грција

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан во заедничка изјава им честитаа на премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас за постигнувањето договор за спорот за името.

Тие очекуваат Советот на ЕУ да ја потврди препораката за преговори.

„Ова, не само што е заслужено како признание за значителните реформски резултати на земјата, туку ќе придонесе за целосна имплементација на договорот во интерес на двете земји, регионот и нашата Унија во целина“, се наведува во соопштението.

Посредникот на ОН во спорот за името, Метју Нимиц ја поздрави објавата од премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас дека постигнале заемно прифатливо решение за спорот за името.

„Не се сомневам дека овој договор ќе доведе до период на подобрени односи меѓу двете соседни земји, а особено меѓу нивните народи. Во тој контекст, јас сум охрабрен од посветеноста на двете влади да обезбедат взаемна корист за нивните граѓани преку воспоставување стратешко партнерство, како основа за интензивирање на соработката во сите области“, се наведува во соопштението од Нимиц.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го поздрави договорот за спорот со името постигнат меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас и повика тој да се финализира.

– Топло го поздравувам договорот помеѓу премиерот Ципрас и премиерот Заев за решение за спорот за името. Овој историски договор сведочи за многугодишна трпелива дипломатија и волја на двајцата лидери да решат спор кој предолго го засега целиот регион. Сега ги повикувам двете страни да го финализираат договорот постигнат од страна на лидерите. Ова ќе го стави Скопје на патот на членство во НАТО и ќе помогне да се консолидира мирот и стабилноста на целиот Западен Балкан, вели Столтенберг.

 

Share.