Харадинај бара помош од Шпанија: Блокирањето на Косово би го уназадило регионот

0
175

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека блокадата на европскиот пат на Косово би го уназадила целиот регион и ја повика Шпанија да му помогне на Косово да стане членка на Европската Унија и да не остане „ранлива дупка во регионот“.

Во интервју за шпанскиот весник Ел паис Харадинај кажа дека Косово одбрало страна, дека сака да ги сочува добрите односи со САД и да стане член на евроатлантското семејство и изрази надеж дека на крајот на оваа или на почетокот на 2019 Косово ќе добие статус на кандидат за членство во ЕУ.

Зборувајќи за причините на Шпанија за непризнавањето на независноста на Косово, Харадинај кажа дека Косово и Каталонија немаат ништо заедничко, дека секоја аналогија е бесмислена и дека Приштина никогаш нема да ја признае независноста на Каталонија.

„Косово настана со дезинтеграцијата на југословенсакта федерација во крвав процес, секој против секого. Тоа не е случајот со Шпанија каде се почитуваат граѓанските и политичките права. Не може да се спореди репресијата под режимот на Слободан Милошевиќ со состојбата во Шпанија, тоа дури би било навредливо. И не станува збор за избегнување сличности, тие не постојат“, смета Харадинај.

Косовскиот премиер, пишува Ел паис, е свесен дека шпанскиот премиер поради Косово не сака да учествува на самитот на ЕУ и Западниот Балкан во Софија, од страв дека каталонските сепаратисти ќе го употребат тоа во своја корист, но сепак кажа дека е „спремен на секаков контакт“ и дека му била „чест да го поздрави шпанскиот премиер бидејќи има многу теми за разговор, како на пример економската и културната соработка“.

Кога станува збор за Русија, според Ел паис, Харадинај не го крие стравот.

„Ние одбравме страна – да бидеме дел од Европа и Атлантскиот сојуз. Нашата демократија е млада, но нашата цел е да станеме дел од евроатлантското семејство и да ги задржиме добрите односи со САД. Не сме во орбитата на руското влијание. Освен тоа, Москва дејствува внимателно и не сака отворено да го дестабилизира регионот но ние сме загрижени поради одреден вид активности на нивната агенда тука“, кажа Харадинај, прецизирајќи дека мисли на „целото опкружување“.

мкд.мк