Хераклеја Линкестис прогласена за културно наследство од особено значење

0
957

На предлог на Управата за заштита на културното наследство археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис е прогласен за културно наследство од особено значење.
Ваква одлука донесе Владата на Република Македонија на редовна седница.

Ова е прв локалитет во државата каде е извршена ревалоризација на споменичната целина. Воедно, извршена е и категоризација согласно Законот за заштита на културното наследство.


Новиот статус на Хераклеја ќе и донесе поголема заштита, односно предвидена е трајна заштита на локалитетот, бидејќи ќе се создадат поволни услови за опстанок на
Споменичката целина и задржување на интегритетот на сите податоци што тој ги носи со себе како сведоштво, ќе се овозможи ширење на сознанијата за вредностите и значењето на Хераклеја и за нејзината улога во културната идентификација.

Посебен акцент се става и на културните, научните, едукативните, естетските, верските, економските, туристичките и другите потреби на граѓаните и општеството, како и спречување на оштетување или деградирање на овој локалитет.


Многу е важно што античкиот локалитет ќе се зачува во својата изворна состојба. Одлуката на Владата потенцира дека самиот локалитет претставува сведоштво со релевантно значење од гледна точка на археологијата и воопшто културата од античкиот период, поради што заслужува да биде предмет на вреднување и ставање под одреден режим на заштита.

Како дел од целокупните планови за заштита предвидено е локалитетот Хераклеја да биде вклучен во соодветни просторни и урбанистички планови. Исто така да се  постават ознаки според прописите за заштита на културното наследство,како да се обезбеди заштита од пожари и природни непогоди. Со цел поголема промоција и афирмација на локалитетот ќе се обезбеди и негова поголема достапност до јавноста, презентација и популаризација.


Локалитетот ги исполнува критериумите да биде заштитен како културно наследство заради археолошките содржини, архитектонските концепти и декоративните елементи. Посебен акцент се става на мозаиците по кои Хераклеја е надалеку позната во светот.