Топловодот од РЕК Битола влегува во Битола. Машините денеска на влезот од Битола ги трасираа последните километри. Готови се 12 од 13- те километри на топловодниот систем. Останува уште само еден километар до влезот во Битола. Историски момент за градот Битола, рече денеска директорот на Топлификација Битола Горан Козаров.

„Се наоѓаме на Битола 5 на влезот во градот Битола и сме сведоци на еден историски момент и чин. Топловодот Битола влегува во градот Битола. Топловодната гранка од РЕК Битола од каде што ќе се одзема топлината до влезот до кулата за дотоплување е траса со должина од 13 километри, сега се наоѓаме точно до 12- тиот километар и позади нас гледаме дека машините ги трасираат последните километри и топловодот за брзо ќе влезе во Битола. Ова е прва фаза од топловодот, се поставуваат главните цевки, доводната и повратната цевка, втората фаза од топловодот ќе биде градската мрежа и разводните шахти, а потоа имаме изградба на одземачот во РЕК Битола и кулата која ќе биде по потреба да се дотоплува водата пред влезот во градот.Ова е проект кој се посакуваше 40 години, откако е изграден РЕК Битола. Проект кој по своето значење и големина се сврстува во рангот на изграбата на РЕК, на Стрежево и други капитални објекти кои суштински го промениле или го менуваат животот во Битола. Топлификацијата ќе донесе придобивки кои ќе ги почувствуваат сите граѓани“ изјави Горан Козаров, директор на Топлификација Битола.

Со завршувањето на сите три фази, топловодот ќе биде разгранет на две гранки, едната гранка ќе оди по ул.Иван Милутиновиќ, другата гранка по ул.Партизансска.
„Најпрвин, ќе бидат приклучени 37 објекти, тоа се државни институции, судови, полиција, училишта, градинки, болницата, одредени загадувачи и објекти кои многу загадуваат и кои многу трошат за згревање. трансмисија на огромни количества на гасови и загревањето на тие институции чини многу пари. Потоа, мрежата ќе се разгранува низ градот“, рече Козаров.
До 2025 година треба да бидат приклучени 37 корисници, а влезот во градот се очекува да биде после завршувањето на комплетната документација, кон средината односно до крајот на оваа година. Очекуваат поддршка и од Локалната самоуправа.
Изведбата на топловодниот ситесем од РЕК Битола до Битола траеше една година. За проектот „Топлификација на Битола, Могила и Новаци“ се користи кредит од германската KFW банка во вредност од над 40 милиони евра, а дополнително АД ЕСМ ќе инвестира седум милиони евра сопствени средства.












