Целијакија – симптоми и третман

Целијакијата е автоимуна болест со генетска предиспозиција, предизвикана од храна и производи направени од пченица, ‘рж, јачмен и овес. Оваа автоимуна болест која е реакција на протеинот глутен, составен дел на житарките, предизвикува хронично воспаление на тенкото црево, што резултира со оштетување на цревниот тракт и често атрофија на трактот.
Поради оштетување на слузокожата, тенкото црево не апсорбира есенцијални хранливи материи (протеини, липиди, јаглехидрати), витамини и минерали.

Точната причина за појава на целијакија не е позната, но досега е познато дека болеста може да се наследува т.е. да се пренесува во фамилиите од родителите на децата. Понекогаш почетокот на болеста се јавува после одредени настани во животот: после операција, бременост, по породување, вирусна инфекција, или тежок емоционален стрес. Симптомите кои се јавуваат при оваа болест може да бидат лесни, или во одредени случаи многу тешки. Се смета дека во светот 1 од 100 лица страда од целијакија.

Со повеќе од 300 симптоми, целијакијата е состојба која е тешка и комплицирана за дијагностицирање. Голем дел од пациентите со години ги чувствуваат симптомите без притоа да имаат точно утврдена дијагноза. Лутаат од еден на друг доктор, се со цел да најдат спас за нивната состојба.

Се смета дека целијакијата се јавува откако е поттикната од некој здравствен проблем, како што е вирусна инфекција, бременост, породување или емоционален стрес.

Главни симптоми на целијакија

Надуеност, гасови и абдоминална болка
Течни столици или запек
Раздразливост и промени во однесување
Треска
Чувствителна кожа
Болки во зглобовите
Губење на тежината
Нередовни менструални циклуси
Слаби коски кои водат до скршеници
Забавен раст

Овие симптоми варираат индивидуално. Некои од лицата со целијакија немаат никакви надворешни симптоми. Лица со одредени фактори на ризик, кои што имаат член на семејството со оваа болест, треба да се тестираат, дури и ако симптомите не се присутни.

Третман – безглутенска диета

Ваквата состојба се става под контрола откако ќе се воведе безглутенски режим на исхрана. Преминувањето на безглутенска исхрана е промена како нешто ново на што ќе треба да се навикнете. На почетокот може да чувствувате дека сте лишени со ограничувањата во исхраната, особено ако немате изразени симптоми. Но, ќе бидете пријатно изненадени кога ќе сфатите колку производи не содржат глутен. Зеленчукот, овошјето, јајцата, рибата, печурките, месото, млечни производи, дел од целозрнестите житарки, мешунките… сите тие производи се без глутен. Изборот е навистина голем. Најдобро е пред да почнете да консултирате диетолог/нутриционист, кој ќе ви помогне како да се приспособите на новиот начин на исхрана.

Сподели