1 декември е денот кога се одбележува светскиот ден за борба против ХИВ СИДА. Центарот за јавно здравје од Битола во соработка со основното училиште Климент Охридски низ драмска театарска претстава на текст од ученик проговорија за важноста на превенцијата, стигмата којашто сеуште е присутна и покрај фактот дека заболувањето по многу децении е уште едно од хроничните за кои светот за жал нема ефикасен лек.

51 регистрирани по пријава лица во Македонија е бројката на случаи што ги регистрирал центарот за јавно здравје. Броевите посочуваат на зголемување на случаи на инфицираност и заболеност со ХИВ СИДА за 10.9 % споредувано со лани. Ова се најновите информации за кои денеска зборуваше д-р Светлана Поповска Кљусев, директорка на Центарот за јавно Здравје во Битола. Традиционално оваа здравствена установа со учениците од ООУ „Климент Охридски“ го одбележуваат празникот.
Годинава преку драмата „Звукот на осаменост“, текст на Стефан Митревски, во изведба на ученици – дел од драмската секција предводена од наставничката Оливера Илиевска. Нивниот фокус беше сеуште постоечката стигма за заболувањето.

За Центарот за Јавно здравје ( ЦЈЗ ) пак, фокусот е превенцијата, навременото дијагностицирање, навремениот третман.
„ХИВ останува глобален јавно здравствен проблем и трансмисијата на овој вирус е насекаде ширум светот на глобално ниво. Сеуште не постои лек за ХИВ и за СИДА меѓутоа со ефикасна превенција, навремена дијагностика и навремен почеток на антиретровирусната терапија ХИВ позитивните лица може да имаат долг и квалитетен живот. Светската здравствена организација (СЗО) оваа година го одбележува под мотото „Оди по патот на правдата: Мое здравје, мое право!“ со цел потенцирање на важноста за правичност и еднаквост во пристапот до здравствена заштита кај овие лица. Затоа што, само на тој начин може да се стави крај на СИДА-та. – вели д-р Светлана Поповска Кљусев, директорка на ЦЈЗ Битола.

„Во Македонија, во текот на 2024 година заклучно со 27 ноември, според податоците од Институтот за јавно здравје регистрирани се 51 случај на ХИВ. Од нив 48 лица се од машки пол, три лица -женски пол, а просечната возраст на пријавените случаи е 36 години. Повеќе од 2/3 од пријавените, според анализите покажуваат дека тоа се машки лица кои имаат сексуални односи со лица од ист пол.“

„За Битола , во текот на 2024 година имаме 4 новорегистрирани лица за разлика од 2023 кога имавме само едно лице. И овде сите четири лица се од машки пол и се од различна возрасна група и сите лица имаат сексуални односи со лица од ист пол.“
„Во Центарот за јавно здравје, во одделението по Епидемиологија постои советовалиште за бесплатно анонимно доверливо советување и тестирање. Ние работиме секој ден од 7.00ч до 15.00часот, сите заинтересирани лица може да дојдат во советувалиштето, бесплатно, анонимно да се советуваат и тестираат за ХИВ.“
Во прилог на последното кажано од д-р Светлана Поповска Кљусева говори и фактот дека одделението за епидемиологија и советувалиштето се дел од поголемата институција Центар за јавно здравје која секојдневно ја посетуваат многу луѓе со различни потреби – прегледи за лекарски уверенија, лабораториски тестирања, вакцинација…

А статистиката на ХИВ СИДА во Македонија вели во периодот од 1987 до 2024 година вкупно 131 од дијагностицираните лица починале, поради причини поврзани со СИДА, што претставува стапка на смртност од 19,1%. Со воведувањето на антиретровирусната терапија преживувањето на лицата кои живеат со ХИВ е значително подобрено во последните десеттина години Од 444 регистрирани случаи, имало 32 смртни случаи што е стапка на смртност од 7,2% .
Или, според најновите проценки ХИВ СИДА сега е заболување кое е во бројот хронични за кои нема ефикасен лек.












