Чакаровски: Вакцинирањето нема да биде услов за упис во училиштата

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Министерството за здравство нема да бара вакцинирањето да биде услов за упис во училиштата. Во постојан контакт сме со Министерството за образование, ќе ги усогласиме ставовите. Не е точно дека работиме на тоа дека децата нема да се запишуваат во градинка или во училиште ако не бидат вакцинирани. Ќе работиме на тоа на родителите кои се скептични да им укажеме дека кај нив не треба да постои страв дека вакцините се небезбедни.

Ова денеска го истакна заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски, кој рече дека индивидуално право е на секој родител да одлучи дали ќе го вакцинира своето дете, меѓутоа како Министерство за здравство мора да водат сметка за колективната безбедност, бидејќи, како што посочи, едно невакцинирано дете, а инфицирано може да биде причина за инфективно заболување кај многу дечиња.

Ниту едно дете не смее да остане надвор од образовниот систем и вакцината не може да биде услов за упис во градинка и училиште, порачуваат од Министерството за образование.

Од кабинетот на министерката Рената Десковска им порачаа на здравствените власти да најдат други механизми со кои ќе ги едуцираат родителите и ќе го зголемат опфатот на имунизација.

„Во Уставот на Република Македонија, е наведено дека основното образование е задолжително. Ова значи дека ниту едно дете не смее да остане надвор од образовниот систем. Потребни се мерки и кампањи од едукативен карактер за придобивките од вакцинацијата, советувања за родителите кои не ги вакцинираат своите деца, но и санкции“, велат од Министерството за образование.

Пратеникот и претседател на Либарално демократската партија, Горан Милевски ја критикуваше одлуката на министерот за здравство, Венко Филипче за задолжително вакцинирање на децата. Тој на својот Фејсбук напиша дека никој нема право да ги уценува родителите да ги вакцинираат нивните деца.

„Правото на избор, слободата на одлучувањето, се основни човекови права загарантирани со Уставот и никој несмее да ги наруши. Никој нема право да ги уценува и присилува родителите да ги вакцинираат своите деца. Образованието треба да биде достапно за сите а во 21 век да им се заканувате на родителите дека децата ќе им останат неписмени ако не се вакцинираат е срамота. Ги отфрлам ваквите најави и жестоко ќе се спротивставам на козервативизмот кој се промовира. Ова е класична дискриминација. Либералното општество мора да победи“ напиша Милевски.

Share.