Чекаат асфалт за да не газат кал

0
1847

Со гумени чизми на нозете не пречекаа денеска жителите од улиците  21-ва и 22-ра во Битола. Кога е врнежливо времето без чизми неможат да излезат од своите домови. Калта велат ја носат во своите домови. Минатата година им ја смениле водоводната мрежа, а им било ветено од надлежните дека за најскоро време ќе добијат и асфалт.

-Проблемот го имаме долги години. Секоја година поднесуваме барање, петиција со потписи  до надлежните, одговор никаков не сме добиле. Најкритично беше ланската година кога се менуваше водоводната мрежа, и после тоа ништо, еве како изгледа сега. Минатата година сите куќи ги плативме легализациите. Ова е улица 21-ва, во 21 век, и 21 метар долга, рече Миле Босилковски, жител на улица 21-ва.

И покрај апелите и барањата кои што ги упатувале со години наназад за улиците да се асфалтираат , тие и понатаму кога е врнежливо , се принудени да одат по кал.Највозрасниот жител од оваа улица Стојан Здравевски вели дека многу политички гарнитури се сменили во Битола, а ветување дека ќе добијат асфалт добивале само пред изборите.

Некои пак за да не газат во кал самите си ставиле чакал по улицата.

-Самите си туривме на улицата песок и чакал за да не газеме во кал. Ама и тоа не помага. По првите дождови веднаш излегува дупката и се полни со вода и кал. Треба да се направи како што треба, рече Славчо Велјановски, жител на ул.22-ра во Битола

-Улица 21-ва е поврзана со улицата 22-ра и цело е кал. Луѓето се чудат. Мислат дека на селаните им завидуваме кога бараме ние. По селата улиците се направени, овде не се, рече Рада Аневска, жител од ул.22-ра

Дури и фотографии преку интернет пракале за да алармираат.

Од општина Битола велат дека согласно програмата за уредување на градежното земјиште за 2018 година не се предвидени средства за реализација на коловоз на овие улици. Од општината велат дека за да може да се предвидат во програмата, потребно е да се изготви проектна документација за да се добие одобрение за градба, и додаваат дека во овај момент не се во можност тоа да го направат, бидејќи и двете улици не се во согласност со постоечките важечки детални урбанистички планови.