Четворица загинати при експлозија во британскиот град Лестер

0
227

Четири лица загинаа, а уште четири се хоспитализирани по силната експлозија во градот Лестер во централна Англија, при што била уништена една куќа во која имало и продавница. Според досегашните сознанија, инцидентот, најверојатно, не е поврзан со тероризам, изјави денеска британската полиција.

Безбедносните служби претходно објавија дека нивни припадници биле итно испратени на терен по силната експлозија во Лестер. „Сите служби за итни интервенции во моментот се ангажирани на тој инцидент. Ги молиме граѓаните да не одат во таа област“, соопшти полицијата во Лестер во неделата вечерта.

Полицијата подоцна објави дека истрагата за случајот ја презела службата за противпожарна заштита. „Во овој момент нема индикации дека инцидентот би можел да биде поврзан со терористички напад“, соопштија властите. На видеата поставени на социјалните мрежи може да се види голем пожар на местото на настанот. Цитирајќи ги изјавите на сведоците, британските медиуми објавија дека пред пожарот одекнала силна експлозија. Истрагата за причината за експлозијата е во тек.