Четири минибуси на метан набави Општина Битола

Два минибуси на метан пристигнаа, а уште два треба да пристигнат деновиве. Пред јавноста денес ги промовираше градоначалничката Наташа Петровска. Рече дека првично овие возила ќе бидат наменети за превоз на ученици, а потоа и за останати услуги за граѓаните. Минибусите се со капацитет од 70 седишта, а Општината ја чинеа 18 милиони денари.

 

 

„Согласно програмите за работа и средствата предвидени од буџетот, Општина Битола годинава набавува 4 минибуси со капацитет од 70 седишта, во вредност од 18 милиони денари. Според нашата споредбена анализа, ќе покажеме кои се ефектите на едни поинакви политики, кои што ги покажува оваа локална самоуправа. Во изминатиот период за превоз на ученици, со некои поинакви политики, беа потрошени околу 9 милиони евра, што во превод би значело набавка на 116 вакви минибуси. Замислете, ако се воделе домаќински политики, како што ги покажуваме ние денес, кој капацитет на превозни средства и кои услуги би ги имала нашата локална самоуправа. Во оваа насока Општина Битола ќе продолжи да се однесува, затоа што само на ваков домаќински начин може да имате поефективен, поекономичен и поуслужлив превоз кон граѓаните“, рече Петровска.

Градоначалничката најави дека  следната недела треба да пристигне уште едно дополнително превозно возило, исто така на метан, кое ќе го користат оние граѓани кои што имаат проблеми од аспект на мобилност.

 

 

„Следната недела доаѓа уште едно превозно средство, кое покрива категорија на граѓани кои што во изминатиот период имала сериозни проблеми од аспект на мобилноста. Ветуваме дека со ваквите домаќински политики, кои што покажаа дека една локална самоуправа може да се носи и со сопствени средства на набавка на вака значајни услуги кон граѓаните, може да се реализира ветеното“, истакна Петровска.

 

Сподели