ТЕРА

REKLAMA???

ШВЕДСКИ ИСКУСТВА ЗА ОДРЖЛИВО УПРАВУВАЊЕ СО ЛОКАЛНИОТ ОТПАД

Во рамките на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво”, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, претставници на општинската администрација и ЈП „Комуналец“, како и претставници на останатите општини учесници во проектот, престојуваат во работна посета на Шведска, во градовите Стокхолм и Јевле, каде што ќе добијат повеќе конкретни сознанија и практични примери на подобрување на услугите на општините и комуналните претпријатија во секторот отпад, како и искористувањето на отпадот, соопштија од Општина Битола.

Во предвидените активности, беше реализирана посета на фабриката Екогас, која што е во доминантна сопственост на општината. Во неа, се третира органскиот отпад собран од општинските претпријатија, а се обработува околу 27 000 тони отпад годишно. Фабриката произведува 28 GWh гас за возила, со што остварува над 5 милиони евра промет годишно.

Исто така, учесниците во проектот беа запознати и со потребата од заедничка меѓуопштинска соработка за управување со отпад, од која што придобивките се повеќенаменски:

  • Повисоки законски барања од власта и поголеми очекувања од граѓаните
  • Еколошки придобивки
  • Пониски инвестициски трошоци
  • Споделување на надлежностите и човечките ресурси
  • Полесно оптимизација на рутите
  • Ист надомест во сите општини
  • Заеднички набавки

Општина Битола е една од шесте општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион, кои ќе работат на одржливо управување со отпадот, проект финансиран од СИДА (Шведската агенција за меѓународна развојна соработка), а имплементиран од Шведската асоцијација на локални власти и региони (САЛАР) и нејзината подружница САЛАР Интернационал, информираат од Општина Битола.