Што договорија Димитров и Коѕијас во Солун, ќе се знае во Атина

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас вчера во Солун ги разгледувале можните комбинации за двете преостанати потешки прашања во преговорите за спорот со името.

Во изјавите по билатералната едно ипол часовна средба на маргините на состанокот на премиерите од регионот, тие останаа воздржани за деталите и единствено најавија нова тет -а-тет средба за една седмица, на 12 мај на конференцијата во Сунио, а потоа и средба со медијаторот Метју Нимиц.

Во меѓувреме, за деталите од вчерашната средба ќе ги информираат премиерите на двете земји.

– Како што знаете разлики се уште има. Ова што вчера и денеска го правевме е испитување комбинации, кои едната или другата страна би можеле да ги прифатат, и тоа е нашата задача. За овие елементи треба да разговраме и дома и да ја искористиме и следната средба, Прашањето е комплексно и влогот е многу голем, рече Димитров.

Тој истакна дека не е тајна оти главните разлики остануваат во однос на прашањето за промена на Уставот, што го бара грчката страна и прашањето за опсегот на употреба на новото име.

– Целта на преговорите е да најдеме чесно, одржливо и трајно решение, што и двете страни ќе можат да го прифатат. Главно е дека решението треба да продуцира пријателство, а не фрустрации. Само такво решение ќе биде одржливо и трајно, додаде тој.

Грчките медиуми ја пренесуваат изјавата на Димитров, дека има време да се реши прашањето за името до крајот на јуни.

 

„Во трка сме со со времето за да се постигне договор на време за состанокот на Европскиот совет и самитот на крајот од јули“, објави грчката агенција АНА МПА, потсетувајќи дека „Европската комисија препорача почеток на преговорите за пристапување за ПЈРМ, под услов да го реши проблемот со името со Грција“.

Коѕијас: Ќе биде штета, толку многу работа да пропадне

Коѕијас на прес-конференцијата во Солун изјави дека има впечаток оти другата страна верува дека е дојдено крајно време прашањето да се реши и смета дека има извесен напредок во преговорите.

Според него, на двете страни им е јасно дека не треба да се гледа кусогледо, туку треба да се фокусираат на решавање на проблемот.

– Сите созреавме преку преговорите, тоа не го мислиме само ние туку и другата страна и се надевам никого нема да разочараме, рече Коѕијас.

-Ние направивме толку многу работи, мојот пријател Димитров и јас, во изминатите неколку месеци, ќе беше жално, ако сето тоа не донесе ништо, одговори Коцјаа на прашањето за изгледите за договор. Тој додаде дека двајцата министри ќе одат до самиот крај во потрагата по решение.

-Велиме дека се гледаме повеќе почесто отколку што ги гледаме нашите семејства, се пошегува тој.

Запрашан дали постигнале договор за името “erga omnes”, грчкиот министер за надворешни работи изјави дека кога тоа ќе се случи, тој “ќе организира прослава”.

И шефот на грчката дипломатија вели дека останува да бидат решени едно до две клучни прашања.

– Мислам дека денеска смисливме многу алтернативи, не стигнавме до одлука, ќе треба да ги известиме и нашите премиери. Ако одлучиме за овие алтернативи, тогаш ќе бидат созреани условите за средби на повисоко ниво, но за тоа, секако, не одлучуваат министрите за надворешни работи, туку нивните шефови, кои кога ќе ги направиме чекорите, што се надевам дека ќе ги направиме, ќе можат да остварат контакт и самите да се договорат за нивните средби. Но, мислам дека треба до крај да се бориме за да се најде ова решение, рече Коѕијас.

Новата средба на шефовите на македонската и на грчката дипломатија, Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот Метју Нимиц, ќе биде на 12 мај (сабота) во Атина.

Никола Димитров и Никос Коѕијас, еден ден по учеството на конференцијата што ќе се одржи в петок во Сунио, ќе се сретнат со специјалниот претставник на ОН.

novatv.mk

Share.